Како што дознава МКД.мк, во некои одделенија, односно класови во еден број од училиштата во Скопје, има по неколку деца за кои родителите јавиле дека се болни од магарешка кашлица и дека болеста им е потврдена.
Во консултација со Државниот здравствен и санитарен инспекторат и со Центарот за јавно здравје – Скопје директорите на училиштата се информирани дека основно е да не се крева паника, но дека треба некои протоколи да бидат испочитувани, меѓу кои и да се побара проверка на вакциналниот статус на учениците
Доколку ученикот има потврдена дијагноза на пертусис неговото отсуство од настава треба да трае најмалку 6 дена при што треба да се прима терапијата препишана од матичниот лекар или од специјалист инфектолог.
Учениците кои пројавуваат симптоми да им биде кажано нив и на родителите дека треба веднаш да отидат на матичен лекар кој евентуално ќе им препише превентивна терапија.
Доколку има ученици кои не биле вакцинирани против магарашката кашлица, односно ДиТеПер, а има болни во одделението/класот, да бидат ослободени на 4 до 5 дена од наставата.
Инаку, според последниот извештај за јавноста на Институтот за јавно здравје, во седумте дена до 7 март биле потврдни нови 50 случаи на пертусис, а најголемиот број од заболените се деца на возраст од 10 до 14 години.
Како што изјави вчера претседатлеот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, само во Скопје се потврдени случаи на над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 заболени во државата со очекување дека тој број ќе расте.