петок, 21 февруари 2025

Започна работата на групата за законски измени во врска со вандализмот кон јавните добра

По повод се поакутниот проблем со несовесно третирање и однесувања кон јавните добра, пред сè поради вандализмот кон урбаната опрема, игралиштата и јавните површини, денеска во просториите на Владата на иницијатива на Министерството за локална самоуправа се одржа првиот состанок на работната група меѓу претставници од повеќе министерства и Управниот одбор на ЗЕЛС каде се дискутираше за изнаоѓање на одржливи решенија. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски за иницијативата за општокорисна работа рече дека брзото формирање на работната група покажува дека општините се одлучни да спроведат системско решение.

Објавено на

часот

Сподели

„Заложба на Министерството за локална самоуправа е да се постигне трајно системско решение со кое ќе се санкционира таквото однесување, но и да се акцентира потребата од создавање на систем за правилен третман и превенција од ваквите случаи кои се честа појава“, соопштија од Министерството за локална самоуправа.

За таа цел, како што се наведува во соопштението, Министерството за локална самоуправа формирало работна група во која партиципираат и претставници од Министерството за транспорт, Министерство за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за образование и наука, Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и претставници од Управата за извршување на санкциите – Сектор за пробација и од невладини организации, но и претставници на ЗЕЛС.

На состанокот било констатирано дека е потребно трајно решение и отворен пристап на сите чинители кон проблемот со вандализмот, како и потреба од усвојување на ефективни механизми за справување со оваа појава.

Од Министерството за локална самоуправа посочуваат дека во рамки на актуелниот процес за изменување на Законот за локална самоуправа, оваа проблематика ја разгледуваат како една од клучните теми и таа е во фокусот од самиот почеток на процесот, а е една и од четирите основни темели на кои се базираат законските измени кои се подготвуваат.

„На потребата од зајакнување на механизмот на комунален надзор инсистираа и речиси сите досегашни учесници на серијата јавни дебати на кои се разменуваа мислења и предлагаа идеи во насока на заедничко изготвување на подобрен и модернизиран Закон за локална самоуправа, кој како процес го води Министерството за локална самоуправа“, се посочува во соопштението.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински се заблагодарил на пројавениот интерес на сите чинители и потенцирал дека е можен успех само доколку сите одговорни фактори застанат зад решенијата што се предлагаат.

„Со изменетата законска рамка, практично ќе се создаде правна основа за зголемување на ингеренциите на постоечките комунални редари, материја која ќе се доуреди со Законот за комунални дејности. Во случајов, со овој механизам нема да се превенира само малолетничкиот вандализам, туку вандалското однесување и девијантните појави, без оглед на возраста на сторителите“, потенцирал Перински.

На средбата било истакнато дека Министерството за локална самоуправа и натаму е отворено за сите иницијативи, идеи, предлози и сугестии кои би биле во интерес на поефикасно локално управување, од која корист ќе имаат не само општините, туку и граѓаните.

Претседателот на ЗЕЛС. Орце Ѓорѓиевски за иницијативата за општокорисна работа рече дека брзото формирање на работната група покажува дека општините се одлучни да спроведат системско решение.

„Денеска успешно ја започнавме дебатата во рамки на новоформираната работна група, чија цел е подготовка на законските измени за воведување на општокорисна работа за младите кои извршиле вандализам. Како ЗЕЛС, сме задоволни од конструктивноста на средбата и одлучноста на Владата да ја прифати оваа иницијатива. Формирањето на работната група во рекордно време е показател за сериозниот пристап кон ова прашање“, рече Ѓеорѓиевски.

Тој потенцирал дека биле разгледани сите аспекти на потребните законски измени, кои ќе ги опфатат Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане ефективна мерка за превенција и ресоцијализација на младите. Дополнително, биле дискутирани и можни измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, со што би се опфатиле и родителите во овој процес.

„Заеднички заклучивме дека вандализмот е проблем кој бара системско решение, а воведувањето на општокорисната работа ќе придонесе за создавање свесност кај младите и ќе помогне во спречување на идни негативни појави. Нашата цел не е само санкција, туку пред сè превенција и воспитување на младите за одговорност кон заедницата. Веруваме дека во најкраток можен рок ќе ги финализираме законските измени и ќе создадеме правна рамка што ќе овозможи нивна брза и ефикасна имплементација во сите општини“, рекол Ѓеорѓиевски.

Со оваа иницијатива се очекува младите кои извршиле вандализам, наместо стандардни казнени мерки, да бидат насочени кон општокорисни активности, со што ќе се поттикне нивната општествена одговорност и активно учество во заедницата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ