петок, 18 октомври 2024

Замена за проширувањето со Западен Балкан или перспектива за Украина – нејаснотии во предлогот на Мишел

Објавено на

часот

Сподели

Целта на ваквата заедница, според Мишел би била да се „унапреди мирот, стабилноста и безбедноста на Европа“ со вклучување на земјите од Западен Балкан и/или земјите од Источното партнерство. Заедницата, како што вели тој, не би била замена за проширувањето на Европската Унија, но ни гаранција дека оние кои ќе бидат дел од неа еден ден ќе бидат членки на ЕУ.

И во двата предлози, и на Макрон и на Мишел, очигледно најголемиот влог е Украина, но за земјите од регионов и особено за Македонија важно е да не нѝ ја „украде“ политичката агенда на ЕУ, вклучувајќи го проширувањето.

За Малинка Ристевска Јорданова – член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ) предлогот на Мишел всушност е повторување на предлогот на Макрон и прашањата коишто беа нејасни во тој предлог и натаму се нејасни.

„Се нуди нова патека или простор ‘европска геополитичка заедница‘. Од она што засега е презентирано и од Макрон и од Мишел, видливо е дека се сака да се понуди нешто на источното трио (Украина, Грузија и Молдавија), без да се вети достижна перспектива за членство, дури и под претпоставка да се додели кандидатски статус или статус на потенцијални кандидати во јуни. Ни Мишел не е доволно јасен за земјите од Западниот Балкан, како што не беше ни Макрон. Во оваа фаза како да се оставаат двете патеки паралелни, отворени, за евентуално понатаму да се издиференцираат работите или едноставно, да слегне сегашнава криза“, вели Ристевска Јорданова во изјава за МКД.мк.

Ни Макрон ни Мишел не се јасни со предлозите и според аналитичарот Петар Арсовски. Тој вели дека не знаеме како ќе се одрази предлогот на Мишел на нашиот европски пат, бидејќи не знаеме дали ние остануваме во старата интеграција или влегуваме во некаква нова.

„Очигледно е дека дел од мотивот на објавување на нова геополитичка унија е да се даде перспектива на Украина. Не знам дали ние влегуваме во тој пакет или продолжуваме по стариот пат, во моментов не е јасно. Бидејќи во таа нова геополитичка заедница се спомнуваат и земји кои излегле од ЕУ. Дали таа ќе биде паралелна со ЕУ, дали ќе се ревидираат пристапните договори со ЕУ ни Макрон ни Мишел не се јасни“, ни изјави Арсовски.

Но, како ќе се одрази оваа заедница на проширувањето? Додека некои познавачи на работите сметаат дека пораката е дека проширувањето е завршена работа, па се бара начин како да се „протне“ тоа, Арсовски излегува со сличен став дека „на прва“ изгледа дека „европската геополитичка заедница“ може да биде утешна награда наместо проширувањето, но ние треба да одлучуваме дали ни одговара тој формат или не дури кога ќе видиме како ќе изгледа конечно.

Сепак, како што вели поранешниот вицепремиер за европски прашања и универзитетски професор, Васко Наумовски, оваа изјава на Мишел отвора дополнителни дилеми за иднината на проширувањето и има потенцијал да го зајакне евроскептицизмот во регионот.

„Самата ЕУ ја реформираше методологијата за процесот на преговори кој што треба да резултира со полноправно членство на државите од Западниот Балкан во ЕУ, а не во алтернативни творби“, оценува Наумовски.

Според него, во актуелниот безбедносен контекст, Унијата треба да бара начини да го зајакне сопствениот разнишан кредибилитет, и да ги нагласи стабилизирачките аспекти на проширувањето.

„Додека за државите од Источното партнерство досега немало јасни ставови дека ќе станат полноправни членки, европската перспектива на Западниот Балкан е недвосмислено потврдена уште во Солунската агенда во 2003 год“, потсетува Наумовски и додава дека засега не се познати деталите, но една од опциите е членувањето во таа заедница да биде своевидна подготовка за полноправно членство, односно делумна интеграција преку вклучување само во дел од заедничките политики.

Ристевска Јорданова, пак, предложената нова геополитичка заедница засега ја опишува како  „чистилиште“ за тие што сакаат членство или спореден терен и за нив и за тие што не сакаат членство.

„Таа најмногу би се идентификувала со заедничката безбедносна и надворешна политика. Како други области на поразвиена соработка се споменуваат програми од социо-економска област кои не изискуваат премногу регулација, транспортот и енергетиката. Се поставува прашањето на преклопување со веќе развиените рамки на соработка – Советот на Европа, секторските заедници (на пр. Енергетската заедница) и други“, вели таа.

Што се однесува до проширувањето, според Ристевска Јорданова, главно се повторуваат принципите од новата методологија за проширување – која веќе не е ни толку нова, односно дека процесот треба да се забрза, да се стави акцент на можноста за прогресивна и постепена интеграција, но и на реверзибилноста – можноста за враќање назад. Во однос на ставот на Мишел дека веднаш мора да се решаваат и билатералните проблеми, кои според него се најчесто предизвикани од малцински прашања, Ристовска Јорданова порачува дека овој став треба да предизвика внимание, бидејќи се разликува од Методологијата за проширување која бара овие прашања да се надвор од процесот на пристапување.

Сѐ ќе биде појасно по летото, доколку се прифати предлогот на Мишел да се одржи конференција за неговиот предлог околу или по летото на која би учествувале лидерите на ЕУ и на засегнатите земји партнери за да разговараат за конкретните опции за овој, како што вели, нов заеднички проект.

Ж.П.Б.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ