Како ќе веруваме во државата кога ќе издава јавни обврзници ако таа иста држава е измамник? Како ќе ги одржуваме идеалите, како ќе воспитуваме нови генерации? Никако, доколку Собранието под итно не донесе закон за обештетување.
Сцените што ги гледаме секој ден не се понижување само за граѓаните што чекаат во редови, туку за сите нас. Во колумна ги предупредив двајцата авантуристи, Зоран Заев и Никола Димитров, најпрво да пресметаат колку ќе чини Преспанскиот договор и колкав период е неопходен за имплементација, па затоа ја додавам оваа реакција. Треба да се загрижи секој наш интелектуалец што гаи илузии дека зборот му се слуша и почитува. Нашите политичари никого не почитуваат. Дури и со народот си играат дрндупка, што би рекол Цепенков.
Кога сме кај овој наш славен терзија, ајде да видиме дали верно заклетвите на крајот завршуваат како клетви. Се сеќавате, нели, дека пред да ја освои власта Зоран Заев се колнеше во деца, жена, татко, мајка, дека име на народ и држава не менува. Досега таа заклетва не изгледаше дека ќе стане клетва. Не за семејството на овој копук, туку за народот. Проколнат да страда од своите, да не може дома да се врати од печалба, работејќи на бродови, во фабрики, ресторани, на градилишта.
Дали заклетвата верно завршува како клетва? Лековерните ќе речат, ама не, што му фали пак на Заев? Но, приказните што макотрпно ги собирале нашите предци, за вечни времиња тврдат дека заклетвата се запишува во времето и кога – тогаш се извршува. Но, зошто народот да ги чувствува последиците? Тој не ја отвори Пандорината кутија. Единствена негова вина е што беше наивен. Цепенков запишал: ако си овца секој ќе те стриже. Е, сега, да завршиме: овци сме ние, можеби половина милион граѓани со факултетски дипломи, со разни титули и одликувања, кога дозволивме вакво потстрижување?
Божин Павловски