„Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на ЕУ. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи.
Сакаме да го посочиме фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, соопштија од бугарското МНР.
Мицкоски денеска изјави дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
„На пописот во 2011 година во Албанија има декларирано 5,5 илјади Македонци. Сега има околу 2.300 и 8.000 Бугари. А во пописот во 2011 година во Албанија има нула Бугари. Прашањето е следно: ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе од 8.000 Бугари, а во 2011 година 5.500 Македонци, а сега има 2.300, теоретски останатите 3.000 потпаднале под асимилаторската бугарска политика, тогаш овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до 8.000, што се, Албанци? Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде. Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие 8.000 да ги стави во уставот? Тоа е суштинското прашање. Јас би сакал ние да разговараме како граѓани Македонци и останати, не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и Власи. Ајде да видиме зошто дозволивме ова да се случи. Тоа е суштинското прашање“, рече Мицкоски.