„Северна Македонија гласаше ‘воздржано’ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа, покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзори, повторно Северна Македонија гласаше ‘воздражно’. Ваквите одлуки, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД“, велат од СДСМ.
Посочуваат дека ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ, односно дека Русија е агресор и извршила неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава.
„Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската Унија. За СДСМ, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува. Истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Соединетите Американски Држави се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес“, велат од СДСМ.
Според СДСМ, премиерот Мицкоски води меѓународна политика без поширока координација и консултации за важни прашања и тоа е неприфатливо.
„Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери. СДСМ инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија“, наведуваат од СДСМ.
На реакцијата на СДСМ за гласањето на Македонија во ОН за резолуциите на ЕУ и САД за војната во Украина, од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека македонската влада гласала усогласено со САД, но и прашуваат зошто дури утре за оваа тема ќе се изјасни лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Претседателот Мицкоски ја унапреди соработката на Македонија со САД, СДС во очај и љубоморат на сопствената држава.
Владата гласаше целосно усогласено со САД. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на Владата не е ништо друго, освен изворна љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг.
СДС лажно се претставуваше прозападна партија, а всушност е партија на комунисти. СДС лажно се претставуваше за пријател на САД, и го користеше прозападниот сентимент на народот, тоа сега го гледаат и граѓаните и нашите стратешки партнери.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена силно на зајакнување на трансатлантското партнерство му се допаѓа тоа на СДС или не, тоа ќе продолжи.
П.С. Зошто прес-конференцијата на Филипче се најавува за утре, а не денес? Да не случајно е зафатен во Дубаи, снимајќи го Заев како пее со Харис Џиновиќ?“, се наведува во возвратното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.