недела, 23 март 2025

Хамас: Нема разговори за втората фаза од договорот за прекин на огнот пред ослободување на затворениците

Палестинското движење Хамас денеска повтори дека доцнењето на израелското ослободување на околу 600 палестински затвореници претставува „сериозно кршење“ на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и дека разговорите за втората фаза од договорот не се можни додека не бидат ослободени, пренесува Бета.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Како дел од договорот за прекин на огнот, Израел требаше да ги ослободи затворениците минатиот викенд откако Хамас ги врати заложниците земени за време на нападот на 7 октомври 2023 година.

Меѓутоа, Израел го одложи ослободувањето поради односот кон заложниците, кои за време на ослободувањето поминале низ толпа.

Неименуван функционер на Хамас изјави дека палестинското движење „целосно ги исполнило сите одредби од договорот“ и дека одложувањето на ослободувањето на палестинските затвореници може да значи крај на примирјето.

Израелското радио Кан и дневниот весник Марив денеска објавија дека се водат неформални разговори со цел да се продолжи првата фаза од 42-дневниот прекин на огнот, кој истекува во сабота. Официјалните преговори со меѓународно посредство за спроведување на втората фаза, која би вклучила целосно повлекување на Израел од палестинската територија, требаше да започнат пред неколку недели, но постојано беа одложувани бидејќи кревкото примирје тече низ кризни ситуации.

Продолжувањето на првата фаза ќе вклучи дополнителни ослободувања на заложници во замена за палестинските затвореници и притвореници, но израелските власти рекоа дека се сомневаат во изводливоста на овој предлог.

Хамас претходно посочи дека е отворен за кратко продолжување на првата фаза за да се овозможи продолжување на испораката на помош во Појасот Газа и одржување преговори за втората фаза.

Египет, клучен посредник во преговорите, исто така одби да разговара за продолжување на првата фаза доколку не започнат разговорите за втората фаза во исто време, објави во вторникот Асошиејтед прес, цитирајќи двајца официјални претставници.

Стив Виткоф, специјалниот пратеник на администрацијата на Доналд Трамп за Блискиот Исток, се враќа во регионот во среда. Во интервју за Си-ен-ен за време на викендот, тој рече дека неговата цел е да ја продолжи првата фаза за да обезбеди доволно време за преговори за втората фаза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ