сабота, 19 октомври 2024

За работна рака за поправки РЕК Битола за една година ќе потроши околу 15 милиони евра

За нецел месец, помеѓу 15 и 29 јули 2024 година, РЕК Битола склучила 51 договор со Електрани на Македонија (ЕСМ) вредни околу 15 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки (БЈН). Најмногу договори во еден ден и тоа 24 биле склучени на 17 јули годинава, а најмалку, по еден, на 20, 23 и 25 јули. За највредниот договор РЕК Битола ќе плати 3,385,923 евра, а најевтиниот ќе ја чини битолската електрана 398 евра. Најголем дел од нив се за плаќање на работна рака потребна за ремонтиИ додека РЕК Битола ги „штанцала“ договорите, премиерот Христијан Мицкоски најави дека лично е вклучен во изборот на нови раководства и во ЕСМ и во РЕК Битола.

Објавено на

часот

Сподели

Најголем број од тендерите, 39 се за плаќање на ремонт на трите блока на РЕК Битола. За оваа услуга ќе се потрошат речи си сите пари од околу 15 милиони евра за да се платат специјализирани  работници кои ќе го вршат ремонтот.

Пет тендери добила скопската фирма „ЕЛ-ТЕ“, три тендери добиле компаниите „ЈУ-СМ, „Монтинг“ и „Шкорпион“, по два „ПОМ АКВА“,  „Ватростална“ и РЖ „Техничка контрола“ и по еден тендер добиле фирмите „СПЕКТАРТЕРМО“, „МАК ПРОМ“ и „АС-КО“.

Марковски компани редовно е најголем добитник од тендерите

Редовниот партнер на РЕК Битола, „Марковски компани“ овој пат добила шест тендери и ќе се офајди најмногу, безмалку шест милиони евра. Со пет добиени тендери фирмата „ЕЛ-ТЕ“ ќе добие 2,371,209 евра, а фирмата „СПЕКТАРТЕРМО“ која добила само еден тендер, ќе заработи 1,600,000 евра. За повеќе од милион евра ќе биде побогата и фирмата „МОНТИНГ“ која со три добиени тендери ќе инкасира малку повеќе од 1,500,000 евра. По овие, следат фирмите „ЈУ-СМ“ 945,248 евра и три добиени тендери, „Ватростална“, „ПОМ АКВА“ и РЖ „Техничка контрола“ ,  со  753,795, 768,263 и 507,914 евра добивка и со по два добиени тендери. Веднаш зад нив е фирмата  „ШКОРПИОН“ со три склучени договори вредни 450,230 евра. Иако фирмата „Шики“ добила најмногу, седум тендери таа за своите услуги ќе наплати близу 300,000 евра. Зад неа се само „АС-КО“ со 88,877 и „МАПРОМ-АКЗ“  со 53,734 евра добивка со по еден склучен договор за ангажирање на специјазлизирана работна рака за ремонт на трите блока на РЕК Битола.

Иако РЕК Битола има свои стручњаци за ремонт на трите блока на електраната, ангажирањето на надворешни работна сила го правдаат со тоа што, како што велат во одговорите испратени до МКД.мк, вработените во електраната се доволни само за тековно одржување на постројките.

„РЕК Битола има специјализирана работна рака која е во обем доволен за тековно одржување на постројките. Ремонтните активности се работат со голем интензитет и силна динамика, во релативно краток временски период, заради што откако постои РЕК Битола, од 1982 година, се склучуваат договори за ангажирање на специјализирана работна рака исклучиво за реализација на ремонтите во текот на летото и почетокот на есента“, тврдат од Комбинатот.

Оттаму велат дека склучувањето на 39 договори за ремонтни активности во рок од нецел месец и тоа токму во јули, а по најавата на премиерот Христијан Мицкоски за смена на раководството, е затоа што претходните договори со ангажираните фирми истекле во јуни месец годинава.

„РЕК Битола секоја година објавува десетици повици за јавна набавка на услуги за специјализирана работна рака, потребна за ремонтните активности кои се одвиваат во летниот период. Конкретната јавна набавка за услуга за специјализирана работна рака е предвидена во Годишниот план за јавни набавки на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола уште во декември минатата година. Во јуни годинава истече рокот или беа исцрпени договорите за ангажирање на специјализирана работна рака кои беа склучени минатата година и заради тоа јавната набавка беше реализирана во јули“, велат од РЕК Битола.

Од Комбинатот појаснуваат дека ремонтните активности се изведуваат секоја година и варираат во текот на летото, во зависност од потребите и можностите на производствениот процес во комбинатот. Дали ова значи дека ремонтот на електраната годинава ќе се врши смо во август со оглед на времето кога се склучени договорите за ремонтни активности, од РЕК Битола велат дека ремонтите се веќе започнати и ќе траат сѐ до крајот на годината.

„Ремонтот на блоковите на РЕК Битола започна во јуни годинава. Од 17 јуни до 26 јули беше изведен ремонт на Блок 2, од 5 август до 13 септември се изведува ремонт на Блок 3, а годинава е предвиден и капитален ремонт на Блок 1 кој ќе започне на 16 септември и ќе трае 60 дена“, наведуват од РЕК Битола.

И пијалоци, сервисирање на возила и хидранти биле неопходни набавки

Но освен за ангажман за специјализирана работна рака за ремонт на трите блока, РЕК Битола за нецел месец потпишала уште нови 12 договори по објавен тендер за различни други услуги. Така во исто време на електраната и биле потребни набавка за одржување и резервни делови за принтери, скенери, течност за доработка на издувни гасови, електро осигурачи и постоља, заптивни прстени, технички гасови, алат за обработка на метали и неметали, ремења, ушки и завртки за подигнување товар и топливи цилиндрични патрони и стаклени осигурувачи. Од електраната не заборавиле во исто време да склучат и договори за сервисирање на возила од марката Рено како и набавка на пијалоци и средства за кафе за потребите на кујната.

Зошто токму сите 12 договори се склучени за нецел месец, од РЕК Битола велат дека тоа го диктира производствениот процес без да објаснат како набавката, на пример на сервис за возилата, сервисирање на компјутерската опрема и хидрантите или набавката на кафе и пијалоци влијаат врз производствениот процес на комбинатот.

„Времето на објавување на јавни набавки и склучување на договори со избрани економски оператори го диктираат Годишниот план за јавни набавки на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола, како и потребите во текот на производствениот процес“, се наведува во одговорот на РЕК Битола.

За овие 12 договори РЕК Битола ќе потроши безмалку 127 илјади евра.

И додека РЕК Битола ги „штанцала“ договорите, премиерот Христијан Мицкоски најви дека лично е вклучен во изборот на нови раководства и во ЕСМ и во РЕК Битола.

„Можеби со некои од кадровските решенија, доцниме, можеби тоа требаше порано да го направиме, но ако ги промените ќе речат зошто сте ги промениле, ако еве помине еден месец, па зошто не сте ги промениле. Многу внимателно постапуваме. Лично сум фокусиран во изборот на кадри во РЕК Битола бидејќи го знам и комбинатот и работењето на ЕСМ, многу скоро од денеска ќе има ново раководство и во рамките на ЕСМ и во рамките на РЕК Битола“, изјави премиерот Мицкоски на 26 јули годинава при неговата посета на Битола.

Сите договори што ги склучила РЕК Битола за неполн месец се објавени на официјалната веб страница на Бирото за јавни набавки.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ