четврток, 26 декември 2024

За одбраната на Хаџиу казната од една година и осум месеци е висока, најавија жалба

Одбраната ќе го искористи своето право на жалба на пресудата за случајот Беса транс според која сопственикот на правното лице доби казна затвор од една година и осум месеци, изјави бранителот на обвинетиот Беким Хаџиу, Асмир Алиспахиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за медиуми по денешната пресуда за случајот, во кој освен сопственикот, обвинето беше и правното лице Беса транс, на кое му беше изречена парична казна од 800.000 илјади денари и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз, адвокатот Алиспахиќ наведе дека смета дека казната е превисоко одмерена.

„Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако е казната предвидена од една до пет години како казна затвор, сметам дека во конкретнава ситуација е превисоко одмерена, не само во делот на постоење на кривично дело“, рече тој.

Дополни дека теоријата на одбраната ќе биде презентирана и пред повисоките судови.

„Според одбраната во конкретниот кривично правен предмет, не само што не може да опстане ова кривично дело, туку не требаше ниту обвинетиот, Беким Хаџиу, и правното лице да бидат обвинети. Но, секако, се водеше постапката. Непрвосилна е преусдата. Страните имаат право на жалба и ќе ги очекуваме одлуките од нив“, рече тој.

Според адвокатот Асмир Алиспахиќ, за да се исполни битието на кривичното длео фалсификување на исправа, овен доказен материјал, потребен е и вешт наод.

„Во мојот завршен збор тоа го анализирав и од теоретски, и од компаративна судска пракса, каде што основниот елемент за ова кривично дело е постоење на изработена лажна исправа и употребена како вистинска. Во конкретнава ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Така што, јас сум убеден, како правник и како адвокат на Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретнава ситуација“, посочи тој.

Обвинителот Владимир Милошевски посочи дека ќе чекаат да биде изготвена писмената одлука на Судот, за да видат што би преземале понатаму.

„Повеќе не би сакал да ја коментирам одлуката на Судот, единствено тоа што судот го прифати во целост обвинението онакво какво што беше и ги огласи виновни обвинетиот и обвинетото правно лице“, рече тој.

Неговите аргументи беа дека Министерството за транспорт и врски воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус, ниту било поднесено барање, ниту била издадена.

„Тоа значи дека автобусот како што е напишано во обвинението, како што и Судот денеска при објава на пресудата кажа, покажувал пред надворешните управни органи извод од лиценца, а таков, за тој автобус, воопшто не бил издаден од надлежниот орган“, рече обвинителот.

И адвокатот Алиспахиќ и обвинителот Милошевски, потсетија дека овој процес не се однесува на автобуската несреќа што се случи со конкретнитот автобус во Бугарија.

Судијата Ивица Стефановски, кој денеска ја објави пресудата во Основен Кривичен суд Скопје, наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице Беса транс БТБ ДООЕЛ Скопје се виновни затоа што обвинетиот, како управител на правно лице Беса транс БТБ ДООЕЛ Скопје во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.

Во ноември 2021 година на автопатот Струма, во Бугарија во автобуска несреќа на автобус на туристичката агенција Беса транс загинаа 45 лица.

За несреќата истрага се водеше во Бугарија. Истрагата е завршена, а според истражните органи во Бугарија главна причина е човечка грешка.

Автобусот најпрво удрил во банкина, а потоа се запалил. Согласно вештачењето, возачот во моментот на ударот возел со 108 километри на час, на место каде максимална дозволена брзина била 90 километри на час. Како што се наведува во анализите на инспекторите, пламените јазици автобусот го зафатиле за неколку минути.

По несреќата, македонските истражни органи отворија истрага, но само за работењето на правното лице Беса транс. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ