вторник, 22 октомври 2024
Премиерот во телевизиско гостување

За Mицкоски темата за „северна“ е затворена, а гледа можност за промена на преговарачката рамка со ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека неговиот став за употребата на уставното име не е променет и е јасен, а воедно тој гледа можност за промена на преговарачката рамка со ЕУ. Тој рече дека заклетвата за премиерската функција ја дал согласно Уставот, но вели дека нема „лицемерно“, како претходниот премиер да „пее“ Северна Македонија.

Фото: Фесјбук

Објавено на

часот

Сподели

„Ни ветуваа дека ќе бидеме членки на  ЕУ, претходно сменивме знаме, менувавме Устав, сменивме име, се продаде лажна кампања за бесплатно здравство кое полошо не било никогаш, супер образование, а полошо не било никогаш. Наместо да добијам поддршка дека некој пркоси, дека не ги понижува граѓаните со придавката, јас сум предмет на напад, од Грција затоа што при колоквијална употреба користам Македонија, а од овие во опозиција кои распродадоа што можеше да се распродаде, сум се заколнал со придавката, затоа што тие распродадоа се во името на ЕУ“, потенцира Мицкоски во интервју за ТВ24.

Во однос на критиките, Мицкоски посочи дека или погрешно го разбираат Преспанскиот договор или погрешно го читаат.

„Подготвен сум и за тоа да спорам и аргументирам.  Нека се навикнат на политичари кои нема да ги гледаат клекнати на колена кои ќе молат и го уништуваат достоинството. Ниту ќе бидам преагресивен да преименувам автопати, аеродроми, споменици да градам, но ќе ме гледате како сечам ленти, како правам реформи.  Не го кршиме договорот, според членот 1 став 3 и тој се повикува на членот 7 став 2 и 3, за жал договорот е потпишан каков што е потпишан и не подразбира дека при колоквијална употреба и секојдневен живот треба да се кажува придавката“, изјави премиерот.

На приемот денеска кај претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Владата рече дека не зборувале за заклетвата, на која Мицкоски се заколна под уставното име, а таа не.

„Со неа имаме добри и исклучителни односи и таа е додадена вредност во нашата политика. Јас не сум политичар со задни намери, ниту таа. Изборниот законик во делот на заклетвата е таков каков што е, имајќи го предвид Уставот и законите ја дадов заклетвата со придавката. Ќе биде лицемерно ако одам во Вашингтон и пред мене е плочката со придавката и јас да кажам не го користам. Што ќе им кажам на граѓаните, тоа што го гледате, не го гледате или да ја скршам плочката и да излезам од самитот на НАТО? Ќе го слушате премиерот како го користи терминот Македонија, но таков е Уставот и целокупниот систем на комуникација ќе биде се додека ваквиот Устав е на сила. Јас сум трпел политички штети кога сум велел дека Преспанскиот договор е реалност. Нашите поддржувачи и граѓаните кои гласаа за нас точно ја знаеја пораката. Не беше пораката дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го искине Преспанскиот договор и дека ќе го врати името“, рече Мицкоски.

Тој смета дека може да се промени преговарачката рамка со ЕУ.

„Ако има желба, преговарачката рамка може да се промени, ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму има можност за тоа, но треба да се искрени со нас и да ни кажат: Да, сакаме под овие услови. Ако имаме политичка волја и вистинско читање на нештата се може да се случи“, рече Мицкоски.

Кога ќе има политичка влада во Бугарија, Мицкоски вели дека е подготвен да преговара.

„Има најмалку три креативни решенија коишто сум подготвен да ги разговарам кога ќе има политичка влада во Бугарија, кои мислам дека можат да бидат излезно сценарио од целиот процес“, рече премиерот.

Мицкоски вели дека патот по кој се одело досега не поминува кај народот, направена е грешка и треба да се бара решение со новата влада во Бугарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ