понеделник, 21 октомври 2024

За еден ден регистрирани петмина тешко повредени во четири засебни сообраќајни несреќи

Во изминатото деноноќие полицијата регистрирала четири сообраќајни несреќи во Куманово, Пробиштип, Неготино и Гостивар во кои петмина патници биле тешко повредени, а двајца се здобиле со полесни телесни повреди.

Објавено на

часот

Сподели

Двајца возачи, двајца мопедисти и еден велосипедист се тешко повредени во четири засебни сообраќајни несреќи што се случиле во изминативе 24 часа, соопшти МВР.

„На 18 јули 2024 во 18:30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Куманово-Скопје, патничко возило мерцедес со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ј.Џ.(22) од Скопје, удрило во запрено патничко возило фолксваген голф со светиниколски регистарски ознаки, паркирано од Л.С.(20) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, а двајца сопатници од запреното возило, М.М.(20) и М.Т.(20), двајцата од Куманово, се здобиле со телесни повреди, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово“, пишува во денешниот билтен на МВР.

Втората сообраќајна несреќа се случила исто така вчера на локалниот пат Пробиштип-село Плешенци.

„Во 20:50 часот во полициската станица Пробиштип било пријавено дека на локалниот пат Пробиштип-село Плешенци, патничко возило опел корса со штипски регистарски ознаки, управувано од С.З.(57) од село Долни Стубол, пробиштипско, удрило во велосипед, управуван од Т.В.(38) од село Плешенци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Здравствен дом во Пробиштип. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Пробиштип“, информираа од МВР.

Вчера утро во полициската станица Неготино било пријавено дека на крстосницата од улица Индустриска со улица Гоце Делчев и локалниот пат кај село Курија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ауди, управувано од З.М.(55) и електричен мопед, управуван од Џ.Т.(63), двајцата од Неготино, а двете возила со неготински регистарски ознаки.

„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Здравствен дом Неготино. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Неготино“, велат од МВР.

А вчера напладне во ОВР Гостивар било пријавено за уште една сообраќајна несреќа во која велосипедист бил тешко повреден.

„Во ОВР Гостивар било пријавено дека на улица Браќа Ѓиноски во Гостивар, патничко возило фолксваген пасат со гостиварски регистарски ознаки, управувано од К.Џ.(57), удрило во велосипед, управуван од И.С.(60). Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Ургентен  центар во Гостивар. Увид на место на несреќата извршила екипа од ОВР Гостивар“, регистрирал билтенот на МВР.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ