„Новите централи од обновливи извори што се изградени за 21 месец може да снабдуваат над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка од 18 градови и тоа Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга, Неготино, Гевгелија, Велес, Гостивар, Кавадарци, Делчево и Македонска Каменица. Сонцето конечно е ‘рбетот на новата македонска енергетска независност, која до сега се потпираше на јагленот. Овие бројки и нови мегавати се потврда дека енергетската транзиција е реалност. Дополнително, во широката слика за да се балансира системот значајно ќе придонесе и изградбата на долго очекуваниот капацитет Хидроелектричната ценатрала (ХЕЦ) Чебрен – што ќе претставува своевидна батерија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Во 2022 година РКЕ има издадено лиценци на 267 централи со инсталирана моќност од 152,2 мегавати додека од почетокот на годината 2023 до крајот на септември 419 фотонапонски централи (ФЕЦ) се стекнале со лиценци со моќност од 350 мегавати.