петок, 7 февруари 2025

Вучиќ: До 19 или 20 март нова влада на Србија или вонредни избори

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва кажа дека до 19 или 20 март треба да биде формирана нова влада или да се оди на вонредни парламентарни избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој кажа дека до 17 или 18 февруари Собранието би требало да ги констатира оставките на владата и премиерот Милош Вучевиќ што, како што кажа, значи дека од тогаш ќе почне да тече рокот од 30 дена за формирање нова влада или распишување избори.

Вучиќ за Радио-телевизија Србија кажа дека тоа значи дека новата влада би требало да биде формирана до 19 или 20 март, а ако не биде формирана „тоа значи дека изборите би биле на почетокот на мај“.

„Тоа се единствените две можни опции… тоа е одредено со уставот“, кажа тој.

Вучиќ додаде дека мисли дека е добро да се обиде да се формира „една добра влада“, бидејќи, како што кажа, тоа е „страшно важно“ и поради Специјализираната светска изложба ЕКСПО 2027 година во Белград.

По повод студентските протести и одбивањето на неговите повици на разговор Вучиќ кажа дека ќе продолжи да инсистира на дијалог, и оцени дека студентите имаат повеќе храброст од некои професори.

„Имаат студентите некое тело кое се вика „голем состанок на делегати“, ако не грешам, и очекувам тие на сериозен начин тоа да го согледаат“, кажа тој.

Ја отфрли идејата за формирање граѓански комисии за разните аспекти на уривањето на стреата на новосадската Железничка станица на 1 ноември минатата година кога загинаа 15 лица.

„Ако ме прашувате дали верувам во некоја граѓанска комисија каква што прават тие кои зборуваат за институциите, а кои треба да ги заменат обвинителствата и судовите… тоа е застрашувачко… не дека јас тоа не го разбирам, за тоа нема никакво оправдување“, оцени Вучиќ.

Додаде дека верува дека „овие студенти“ кои не сакаат да разговараат ни со него, ни со обвинителите, со никого, како што кажа, „ќе ја согледаат својата позиција“.

„Да разберат добро дека ова (протестите и блокадите) мора да престанат и во еден момент мора да се вратат како победници, но и да имаат некој вид контрола и над процесите кои ќе се случуваат во иднина од нивниот агол“, кажа Вучиќ.

„Ќе продолжам да инсистирам на дијалог и воопшто не ме интересира кој ќе учествува во тој дијалог“, кажа Вучиќ.

Ги повика сите кои го поддржуваат „него и мнозинството во Србија“ да бидат „апсолутно дисциплинирани“.

Вучиќ истакна дека „тие млади луѓе (студентите) се нашата иднина“ и „мораме да ги чуваме“, и укажа дека „ако се случи инцидент, тој инцидент му одговара само на некој друг“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ