среда, 23 октомври 2024

Врховниот суд на Бангладеш ги промени контроверзните квоти за јавна администрација, студентите продолжуваат со протестите (ФОТО)

Врховниот суд во Бангладеш го отфрли контроверзниот систем на квоти за јавна администрација, делумна победа на студентите кои протестираат против тоа со денови, во демонстрациите кои вклучија судири со полицијата и оставија десетици мртви.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Студентите, фрустрирани од недостатокот на работни места во земјата, побараа да се стави крај на системот на квоти кој резервира 30 отсто од работните места во државната служба за роднините на ветераните кои се бореле во војната за независност на Бангладеш во 1971 година.

Владата претходно ги суспендираше тие квоти во 2018 година по масовните студентски протести, но во јуни Високиот суд на Бангладеш ги врати квотите, што предизвика нова рунда протести.

Одлучувајќи по новата жалба, Врховниот суд нареди квотите за бранителите да се намалат на пет отсто, 93 отсто од работните места да се доделуваат според заслугите, а останатите два отсто да се одвојат за припадниците на етничките малцинства или трансродовите и хендикепираните лица.

Главната студентска група која ги започна демонстрациите во Бангладеш денеска најави дека има намера да продолжи со протестите против квотите за вработување во јавниот сектор, и покрај одлуката на Врховниот суд да го ублажи системот, пишува Франс прес.

„Нема да ги прекинеме демонстрациите додека владата не донесе одлука која ќе ги земе предвид нашите барања“, изјави за Франс прес портпаролот на здружението „Студентите против дискриминацијата“, кој не сакаше да биде именуван.

Протестите претставуваат најсериозен предизвик за владата на Бангладеш откако премиерката Шеик Хасина го освои четвртиот мандат во јануари на изборите бојкотирани од главните опозициски групи. Универзитетите се затворени, интернетот е прекинат, а владата издаде наредба да се остане дома.

Имаше смртни случаи во протестите во вторникот, еден ден откако студентите од Универзитетот Дака почнаа да се судираат со полицијата. Насилството продолжи да ескалира, а полицијата употреби солзавец и гумени куршуми и фрлаше димни бомби за да ги растера демонстрантите кои фрлаа камења врз нив.

Властите во Бангладеш не објавија официјални податоци за загинати и повредени, но локалните дневни весници објавија дека загинале повеќе од 100 луѓе.

Новинарот на АП во петокот видел дека безбедносните сили пукаат со гумени куршуми и солзавец врз толпа од повеќе од 1.000 демонстранти кои се собрале пред седиштето на државната Телевизија Бангладеш, која беше нападната и запалена од демонстрантите претходниот ден. По инцидентот на улиците останале огромен број крвави куршуми.

Спорадични судири во делови од главниот град Дака беа пријавени во саботата, но се уште не е познато дали има загинати.

Пред одлуката на Врховниот суд, војниците патролирале низ градовите ширум земјата. Министерот за внатрешни работи Асадузаман Кан рече дека наредбата за останување дома ќе биде ублажена денеска од 15:00 до 17:00 часот, за луѓето да можат да ги набават неопходните работи.

Во меѓувреме, владата ги прогласи недела и понеделник за државни празници кога можат да работат само службите за итни случаи.

Демонстрантите сметаат дека системот на квоти е дискриминаторски и наклонет на поддржувачите на премиерката Хасина, чија партија Авами лига го предводеше движењето за независност, и веруваат дека тој треба да биде заменет со систем заснован на заслуги.

Премиерката Хасина го бранеше системот на квоти, велејќи дека ветераните заслужуваат најголема почит за нивниот придонес во војната против Пакистан, без оглед на политичката припадност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ