четврток, 28 ноември 2024

Вработувања по партиски и национален клуч нема да има, верува министерот Алиу

Објавено на

часот

Сподели

На брифинг со медиумите Алиу денеска порача дека мора да има јасни индикатори во системот на квалификации, знаење и заслуги (МЕРИТ) за вработување и напредување во јавната администрација.

„Верувам дека решението ќе произлезе од законите, а едно од нив е мерит системот за вработување и напредување во јавниот сектор. Мора да има јасни индикатори во кои со бројки ќе се определат работите и на крај системот да селектира кој е најдобар кандидат“, посочи Алиу. 

Доволно ни е, вели тој, од кадар што се вработува по националност или друга основа.

„Имаше решение во кое требаше да имаме процентуална застапеност и ние, зборувам и политички, и како партија Алијанса за Албанците во која сум дел, сакаме решение во коешто овие злоупотреби ќе се намалат. Еден ден сите ќе страдаат од несоодветниот кадар, мора да се бориме  против тоа и се води дискусија каков тип на решение ќе се понуди“, рече министерот. 

Прашан како МИОА ќе го спроведе „балансерот“ при вработувањата во администрацијата со оглед на реакциите во јавноста за пресметките на процентите на националностите од неговиот претходник, повтори дека решението мора да биде законско. 

„Решение на овој предизвик ќе мора да биде законско, заради две работи, првин заради тоа што „балансерот“ е само една алатка во којашто се даваат влезни параметри и дава излез, а  втората работа е дека мора на ниво на закон да го решиме тој проблем, јас ќе работам на тоа, ќе работиме и  како Влада за да најдеме начин како тоа да се реши“, рече Алиу. 

Како дел од реформите на јавната администрација во тек се активности за носење на повеќе закони, за плати во јавниот сектор со којшто треба да се најде системско решение за платите во овој сектор, за административни службеници со којшто во процесите за вработување ќе се применува мерит системот, но со јасни индикатори, за вработени во јавниот сектор, со кој ќе се уреди ангажманот на кабинетските службеници и актите за систематизација. Треба да се донесат и законот за органи на државна управа, што е поврзан со пристапот до средства од ИПАРД 3, како и измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, за кои рокот е 31 мај, а во спротивно нема да можеме да ги користиме фондовите од Креативна Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ