Коцевски изрази сочувство до семејството на Фросина Кулакова и увери дека ќе стори сѐ, осомничениот да добие најстрога казна.
Според Коцевски, доказите кои досега биле собрани покажале дека возачот со умисла го сторил кривично дело во моментот кога удрил и ја усмртил 22 годишната Фросина Кулакова.
20 годишниот Васил Јованов од Скопје е осомничен дека на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило пежо 207 сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булевар Партизански Одреди и со непрописна брзина на црвено светло и пијан поминал на пешачки премин и ја усмртил Кулакова, соопшти претходно Јавното обвинителство.
Ова беше причина да се организираат протести во повеќе градови во Македонија.
Причина повеќе за револтот на јавноста беше и информацијата дека Јованов во притворот во Истражниот затвор Скопје во Шутка успеал да набави мобилен телефон, нешто што со закон е строго забрането.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов вечра изјави дека мобилниот телефон Васил Јованов го набавил од друг притвореник од соседната ќелија, благодарение на затворски полицаец, кој го овозможил тоа и најави одговорност за инволвираните во случајот.
К.Д.