сабота, 8 февруари 2025

На вработените во ФБИ им е наредено да ги откријат своите улоги во истрагите за нападот во Капитол

Вработените во ФБИ во неделата добија наредба да одговорат на прашалникот за каква било работа што можеби ја извршиле во врска со криминалните случаи поврзани со нападот на американски Капитол на 6 јануари 2021 година, што ги подгрева стравувањата од нови отпуштања во агенцијата за спроведување на законот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Списокот на прашања во дописот, кој Ројтерс го видел, им наложува на вработените да го наведат своето работно место, каква било улога што ја имале во истрагите за немирите на поддржувачите на претседателот Доналд Трамп на 6 јануари и дали помогнале да се надгледуваат таквите истраги.

„Знам дека јас и другите што го добиваат овој прашалник имаме многу прашања и грижи, на кои напорно работам за да добијам одговори“, напиша Чад Јарброу, помошник-директор на Одделот за криминални истраги во седиштето на ФБИ, во електронска порака викендов.

Јарброу им рекол на вработените да очекуваат одговори до 15 часот во понеделник по источноамериканско време.

Портпаролот на ФБИ одбил да го коментира прашалникот.

Демократите и другите критичари рекоа дека тимот на Трамп спроведува чистка на претставниците на ФБИ и на Министерството за правда што имале улога во кривичните случаи против Трамп и демонстрантите во немирите на 6 јануари.

Вршителот на должноста заменик јавен обвинител Емил Бове во петокот побарал ФБИ до вторник напладне да му го достави списокот на сите вработени што работеле на случаите од 6 јануари, како и списокот на оние што работеле на кривичниот случај покренат минатата година против водачите на милитантната група Хамас во врска со војната во Газа.

Тој, исто така, отпушти осум високи функционери на ФБИ од централата на агенцијата, како и шефовите на теренските канцеларии во Мајами и Вашингтон.

Минатата недела, Бове отпуштил десетина обвинители од Министерството за правда што работеле на два сега отфрлени кривични случаи што ги покрена специјалниот советник Џек Смит против Трамп. Едниот случај вклучува активности преземени во обид да се поништат резултатите од изборите во 2020 година, а другиот вклучува доверливи владини документи.

Марк Заид, адвокат што е специјализиран за национална безбедност, во писмо до Бове напишал дека се чини дека неговите постапки го нарушуваат правилниот процес и дека доколку информациите за поединци бидат објавени во јавноста, тоа би можело да ја загрози нивната безбедност.

„Доколку продолжите со отпуштањата и/или јавното објавување на идентитетот на отпуштените работници, ние сме подготвени да ги браниме нивните права со сите достапни правни средства“, се вели во писмото на Заид објавено на Икс.

Вршителот на должноста директор на ФБИ Брајан Дрискол, во е-пошта до персоналот во петокот, објавувајќи ги деталите за наредбата на Бове, рекол дека барањето „опфаќа илјадници вработени низ целата земја што ги поддржаа овие истражни напори“.

„Јас сум еден од тие вработени, како и в.д. заменик директорот (Роберт) Кисејн“, истакнал Дрискол.

И покрај извештаите за други отпуштања во канцеларијата, Ројтерс видел мејлови од Здружението на агенти на ФБИ и Џејмс Денехи, помошник-директор на ФБИ задолжен за канцеларијата во Њујорк, од кои се гледа дека на никој друг не му е наредено да поднесе оставка.

И покрај ова, некои вработени во петокот почнале да ги расчистуваат своите маси поради загриженост дека тие би можеле да бидат следните, се вели во белешката од Здружението на агенти на ФБИ, која ја видел Ројтерс.

„Денес се наоѓаме среде нашата сопствена битка, бидејќи добрите луѓе се исфрлаат од ФБИ, а другите се мета затоа што ја вршат својата работа во согласност со законот и политиката на ФБИ“, напиша Денехи во петокот, велејќи дека им оддава признание на Дрискол и Кисејн за „борбата за оваа организација“.

Денехи додаде дека освен избраната група луѓе именувани во меморандумот на Бове, „во овој момент никому не му е кажано дека ќе биде отстранет“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ