Ударни вести од светот: престижниот хотел „Вестерн Ексклузив“ има нов главен готвач. Уште од старт, новиот главен готвач се нафати со сериозни реформи, оценувајќи ја понудата на кујната на „Вестерн Ексклузив“ како очајна, а состојбата на кујната како раскапана и дотрајана. Со други зборови, престижниот хотел „Вестерн Ексклузив“ веќе да не ти бил баш престижен! Меѓу првите гастрономски реформи што главниот готвач ги најави беше враќање на руската салата на глобалното мени. Меѓутоа покондирените неолиберални готварчиња, кои дотогаш шуруваа во кујната и не беа кадарни да приготват ништо друго освен глобална каша-попара, одбија да ја вратат руската салата на менито. Арно ама, со новиот главен готвач, крупен робусен момок, кој во слободното време се бавеше со градежништво, немаше шега: веднаш ја зграби кутлачата и им ја спопика руската салата низ шија, при тоа убаво затнувајќи им го носот, за да се осигура дека голтаат. И тоа на суво! Иако неолибералните готварчиња глумеа лудило и демонстрираа индигнација спрема методите на новиот главен готвач, овој метод на послужување салата им беше мошне добро познат од нивното долгогодишно сервирање расипана македонска салата низ балканската крчма!
Брзо, брзо неолибералните готварчиња свикаа вонредна конференција во шпајзот, (каде што, патем, криумчареа руска вотка!), единственото место каде сѐ уште можеа да се преправаат дека се готвачи од ранг – се разбира, само додека не им дојде новиот главен готвач!
Домашни вести: новата влада конечно одлучи сериозно да се нафати со решение на хроничниот проблем на сите претходни апсурдситански влади – недостигот на р’бет. Решението новата апсурдистанска влада го гледаше во промена на грбот: имено, кога веќе се нема р’бет, поекономично е да се најде нов грб кој не бара р’бет, одошто да се развива р’бет. По серијата геополитички потреси и собраниски претреси се испостави дека Владата не само што нема р’бет, туку некаде по патот го изгубила и грбот! Така, без р’бет и без грб, Владата реши да се врати на она што најдобро знаеше да го работи: да менува фотелји! За среќа, за ова прашање имаше консензус со опозицијата!
Икономија: либералните професори по економија, тие неуморни теолози на Капиталот предупредуваат – Капиталот ни под разно не смее да се блокира! Ама ни под разно, јасно!? Зашто семоќниот Капитал може да ги блокира граѓаните и нивните најосновни потреби како позер што игнорира лоша временска прогноза и да ги крши нивните животи на парампарчиња како топломери ако само малку му застуди или зажежи, ама они него – ни под разно! Во име на Профитот, Алгоритамот и Светиот Слободен Пазар – Амин! И Господ да ги благослови претприемачите и да нè сочува од социјализам, таа зла змија – нели затоа го плаќаме, ставајќи го сосе светците на парите?
Спорт: тимот „Јуроп Јунајтед“ неславно испадна од првата лига во неочекуван пресврт во завршницата, кој, по очајно несмасните обиди да се загрози противничкиот гол на источната половина од теренот, резултираше со катастрофална серија авто-голови.
Култура: сериозниот недостиг на понуда на невладини кебапи и провладини уштипци може сериозно да ги загрози како андерграунд-сцената, така и турбо-фолк творештвото. Од надлежните културни институции смируваат и препорачуваат привремено да се премине на ракија и шопска. Со цел, пак, да се надмине моменталната културна криза, а наедно и како одраз на новата урбана пост-буржоаска реалност (што ќе рече: жалната комбинација на уличарска буржоазија и испостено граѓанство!), независните експерти предложија создавање нов културен правец: турбо-фолк андерграунд.
Прогноза за времето: нè очекува мрак. По серија вонредни консултации, Сонцето и ѕвездите решија да не изгреваат над Апсурдистан на неодредено време. Зашто, секогаш кога во Апсурдистан се менуваа знамето или грбот, настрадуваа токму Сонцето и ѕвездите!
Рајко Пеколски