вторник, 22 октомври 2024

Вонредна седница на Советот на Неготино поради пожарот на планината Серта 

За во 21:30 часот закажана е вонредна седница на Советот на Општина Неготино на која ќе биде активиран и кризниот штаб, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи.

Објавено на

часот

Сподели

Околу 17:30 часот хеликоптер дејствуваше на пожарот кај неготинското село Пепелиште, линијата на фронтот на пожарот тогаш беше подолга од еден километар. Се работи за пожарот што избувна околу 10:30 часот на отворено во атарот на Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.

„После неуспешниот обид од страна на питомците пожарот да биде ставен под контрола, тој се проширил и се движи во насока кон сртот на Конечка планина (планина Серта) од десната страна на регионалниот пат Неготино – Штип. Линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар. Во овој момент не е загрозено населено место ниту има таква тенденција, но пожарот се движи кон два далеководи од кои едниот од 410 киловолти се исклучил самиот, а другиот од 110 киловолти е во функција“, соопштија тогаш од ЦУК.

Ветрот кој постојано дува менувајќи го правецот, дополнително го отежнувал гаснењето на пожарот.

Горат нискостеблести растенија но и мешана шума вклучително и мешана зимзелена шума. Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес е пренасочен и веќе започна со дејство врз пожарот кај Пепелиште.

Армискиот хеликоптер бил ангажиран на редовни армиски задачи во Охрид и немало доволно време истиот да се пренасочи во Скопје, да наполни гориво, да закачи ведро и да се упати кон Пепелиште.

Доколку денес пожарот не биде изгаснат или ставен под контрола, гаснењето ќе продолжи рано наутро со еден полициски и еден армиски хеликоптер и поголем број на пожарникари, велат од ЦУК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ