сабота, 27 јули 2024

Водовод Куманово: Потрошувачката на вода да се сведе на минимум за да ја има и за пиење

Јавното претпријатие (ЈП) Водовод Куманово денеска информираше дека од утрово од 5 часот е затворен доводниот цевковод од Липково, а водата со зголемена матност се испушта во канализациската мрежа. Оттаму апелираат граѓаните да ја сведат потрошувачката на вода на минимум за да не дојде до поголем недостиг на вода за пиење.

Објавено на

часот

Сподели

Од ЈП Водовод информираа дека вработените во Филтер станицата во Куманово утрово во 5 часот забележале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност од преку 10.000 нефелометриски единици (НТУ) од дозволеното.

„Од страна на вработените доводниот цевковод од Липково е затворен за да не дојде до позначителни штети на процесот на преработка на водата за пиење. Во моментот, а пред сè заради безбедност по здравјето на населението во Куманово водата којашто е со зголемена матност се испушта директно во канализациската мрежа што ќе доведе до недостиг на вода во системот за водоснабдување“, информираат од ЈП Водовод.

Претпријатието ги известило надлежните државни органи и општински институции и најавија дека ќе ги преземат сите мерки во соработка со институциите за безбедноста на здравјето на граѓаните на Општина Куманово.

„Ги молиме граѓаните да имаат разбирање за настанатата вонредна состојба и да ја сведат потрошувачката на вода на минимум како не би дошло до поголем недостиг на вода за пиење. За сите промени со состојбата за водоснабдување граѓаните ќе бидат навремено и редовно информирани“, велат од ЈП Водовод – Куманово.

Вчера кумановскиот регион беше погоден од силно невреме проследено со град, грмотевици и поројни дождови.

Како резултат на тоа, на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера од попладне до доцна во ноќта, се пријавени повеќе случаи на поплавувања и штети од пороен дожд, гради ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и автомобили, како и заглавени луѓе во возила заради порои од земја и одрони, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Граѓаните веќе почнаа да ги пријавуваат штетите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ