Од ЈП Водовод информираа дека вработените во Филтер станицата во Куманово утрово во 5 часот забележале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност од преку 10.000 нефелометриски единици (НТУ) од дозволеното.
„Од страна на вработените доводниот цевковод од Липково е затворен за да не дојде до позначителни штети на процесот на преработка на водата за пиење. Во моментот, а пред сè заради безбедност по здравјето на населението во Куманово водата којашто е со зголемена матност се испушта директно во канализациската мрежа што ќе доведе до недостиг на вода во системот за водоснабдување“, информираат од ЈП Водовод.
Претпријатието ги известило надлежните државни органи и општински институции и најавија дека ќе ги преземат сите мерки во соработка со институциите за безбедноста на здравјето на граѓаните на Општина Куманово.
„Ги молиме граѓаните да имаат разбирање за настанатата вонредна состојба и да ја сведат потрошувачката на вода на минимум како не би дошло до поголем недостиг на вода за пиење. За сите промени со состојбата за водоснабдување граѓаните ќе бидат навремено и редовно информирани“, велат од ЈП Водовод – Куманово.
Вчера кумановскиот регион беше погоден од силно невреме проследено со град, грмотевици и поројни дождови.
Како резултат на тоа, на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера од попладне до доцна во ноќта, се пријавени повеќе случаи на поплавувања и штети од пороен дожд, гради ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и автомобили, како и заглавени луѓе во возила заради порои од земја и одрони, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Граѓаните веќе почнаа да ги пријавуваат штетите.