„За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе преземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје. Утре сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење“, соопшти синоќа ЈП Водовод и канализација.
Претходно, на официјалната Фејсбук страница на ЈП Водовод и канализација беше објавено дека речиси сите скопски населби утре од 17 часот ќе се соочат со намален притисок или прекин на водоснабдувањето, а дека причина за прекинот на водоснабдувањето е интервенција на главната водоводна цевка Ф1600 мм во Рашче.
Од ЈП Водовод и канализација соопштија дека засегнати ќе бидат следниве населени места: Арнакија, Сарај, Глумово, Горна Матка, Долна Матка, Ѓорче Петров, Влае, Карпош, Жданец, Нерези, Центар, Клинички Центар, Кисела Вода, Усје, Пинтија, Драчево, Батинци, Студеничани, Моране, дел од Гази Баба, Чаир, Скопје Север, Топаанско Поле, Автокоманда и Аеродром.
Оваа информација стоеше недемантирана неколку часа. Се обидувавме да дознаеме колку време ќе биде прекинот, за каква интервенција станува збор, а од ЈП Водовод и канализација само ни велеа дека ќе има дополнување на информацијата. Велеа ќе дадат прецизна информација каде ќе нема вода, а каде ќе има само намален притисок.
Жителите на Скопје почнаа да купуваат шишиња со вода по продавниците.
И синоќа околу полноќ стигна уште една официјална информација дека Скопје денеска ќе има нормално снабдување со вода.