За оваа одлука поддршка искажаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ, Левица и Европскиот фронт. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратеници од СДСМ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески истакна дека безбедноста на граѓаните мора на сите да им биде приоритет, а тоа, како што рече, значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции.
„Врз основа на членовите 128 и 129 од Деловникот на Собранието бараме да се организира јавна расправа, имено јас заедно со колешката Мерита Колчи Коџаџику од ВЛЕН и Бобан Карапејовски од ЗНАМ поднесовме известување за потреба од одржување на јавна расправа заради анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Владејачкото мнозинство во насока на подобрување на законската регулатива ќе побара доуредување и допрецизирање на истата. Време е за сериозни чекори и системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции. Порачуваме и повикуваме до сите дека намерата за стручна и експертска дебата е приоритет и како владејачко мнозинство нема да дозволиме политизација на оваа тема. Нас ни требаат издржајни решенија, а не политичка некрофилија и злоупотребување на моментот. Ги повикувам сите пратеници без разлика дали се од власт или опозиција, да ја поддржаат оваа иницијатива и да застанеме зад неа еднаш сите заедно за изнаоѓање на системски решенија и решавање на проблемите со кои се соочуваме“, рече Мицески.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ рече дека нивната пратеничка група ќе ја поддржи иницијативата за јавна расправа. Смета дека е потребна.
„Нашите видувања, иако ја поддржуваме, можеби попаметно беше да имаме надзорна расправа за да видиме и за имплементацијата на регулативата и за нејзината злоупотреба, а не самод а дискутираме за некои законски решенија, но сепак сега е време да се поддржи оваа иницијатива за јавна расправа и ние ќе ја поддржиме“, рече Мециновиќ.
И пратеникот на Европскиот фронт, Елми Азири ја искажа поддршката на својата пратеничка група за оваа иницијатива од власта.
„Веруваме дека од јавната расправа ќе произлезат и други предлози кои ќе дадат друг предизвик којшто ќе допре и други точки кои се однесуваат на правото и на правниот систем воопшто, бидејќи видовме и во текот на овие денови каде што во правото според моето оценување не е работено како што треба, рече Азири.
Иницијативата за одржување на јавна расправа произлезе по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишната модна дизајнерка од Неготино која во средата беше прегазена на пешачки премин на булевар Партизански Одреди од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна несреча и за недозволена употреба на дрога.