Јавните огласи и за двете локации ќе се објават наредната година, а во новата населба во близина на Три чешми се предвидени сто парцели за изградба на куќи, додека во новата населба меѓу населбите Баби и Сењак 4 ќе се понудат 70 парцели. Јорданов посочи дека во населбата Три чешми на почетокот на 2025 година ќе започнат со изградба на нова водоводна и канализациска мрежа, како и трасирање на улици, а на првиот оглас за продажба пробно ќе бидат објавени десет парцели.
„Согласно програмата за оттуѓување на градежно земјиште, во овој момент пуштивме можност за оттуѓување десет парцели во една нова зона за домување, индивидуално домување, куќи веднаш до населба Три чешми. Станува збор за една локација, којашто во минатото беше споменувана, но заради неуреденоста и основниот степен на уреденост којшто не бил реализиран во минатото, оваа населба остана нереализирана. Имаме план во периодот што следува да влеземе со активности за уредување со поставување на подземна инфраструктура, трасирање на улици“, вели Јорданов.
Градоначалникот на Штип забележува дека станува збор за парцели за индивидуално домување, а не за нови станбени згради.
„Побарувачката создаде притисок на цената на пазарот на недвижности. Во интерес на ова се одлучивме да испарцелизираме и овозможиме оттуѓување на дополнителни парцели за индивидуално домување“, изјави Јорданов.
Тој истакна дека со ваквата реализација ќе се овозможи можност, а особено за младите да инвестираат и да си обезбедат сопствен дом.