вторник, 23 јули 2024

Во СДСМ утре 23 илјади членови ќе гласаат за нов претседател на партијата

Утре околу 23 илјади членови на СДСМ ќе гласаат за нов претседател на СДСМ. Пред три години, кога за претседател на партијата беше избран Зоран Заев, на непосредното гласање од членството се пријавија 68.999 членови. Сите пријавени кандидати за прв човек на СДСМ ветуваат обединување и реформи во партијата и враќање на СДСМ на државотворните патеки. Од она што досега се случува во партијата таков исход тешко е да се очекува уште години.

Објавено на

часот

Сподели

По предлогот да се одложат изборите во СДСМ, Централната изборна комисија одговори дека ќе ја продолжи постапката бидејќи процесот е легитимен, демократски и спроведен во најдобар ред.

Викторија Аврамовска-Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ, по предлогот на кандидатката за лидер на партијата, Славјанка Петровска, за откажување на процесот за избор на нов претседател на СДСМ, вели дека нема никаков основ за прекинување на овој процес.

Таа информираше дека тројца кандидати, освен Славјанка Петровска, доставиле список на предлог-контролори за избирачките места.

Петровска побара откажување на внатрепартиското гласање за избор на нов партиски претседател поради нефер изборен процес и предложи да се формира привремено партиско раководство. Таа обвини дека изборниот процес не бил фер, особено во делот на регистрацијата на гласачите.

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, ветија обединување на членството и реформи во партијата, со цел таа повторно да се врати како победничка сила во земјата.

Петровска и Деспотовски изјавија дека нема да прифатат ниту една позиција во партијата, доколку не бидат избрани за лидер на партијата.

Филипче важи за кандидат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Тој смета дека неговите добри релации со Заев и со други поранешни партиски лидери и функционери ќе бидат еден од главните предуслови за брзо обединување во СДСМ.

За Петровска токму тоа би можело да нанесе повеќе штета отколку ќар.

„Застанувањето на кој било од поранешните претседатели на СДСМ зад некој од сегашните претседателски кандидати може дополнително да ја подели партијата и дополнително да го отежни процесот на легитимен избор на претседател“, изјави деновиве Петровска и нагласи дека таа ја бара поддршката кај членството.

Гласањето ќе се спроведе во општинските организации утре од 8 до 20 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ