четврток, 30 јануари 2025

Во општините Кисела Вода и Ѓорче Петров зголемена е паричната помош за новороденчињата

Советот на Општина Кисела Вода одлучи еднократната парична помош за семејствата со новороденчиња двојно да се зголеми. Со оваа одлука, износот кој досега беше 6.000 денари се зголемува на 12.000 денари. Општината Ѓорче Петров донесе одлука за зголемување на надоместокот за новороденче од пет на седум илјади денари.

Објавено на

часот

Сподели

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од пошироката стратегија на општината за унапредување на социјалната слика и создавање поволни услови за развој на младите семејства.

„Поддршката за новороденчињата е многу повеќе од финансиска помош. Таа претставува симбол на нашата заложба за иднината, за создавање општина која расте и се подмладува. Ова е само еден сегмент од нашите заложби. Градиме нови градинки за да обезбедиме предучилишно образование за сите деца, субвенционираме целодневен престој за децата од семејства во социјален ризик, а за овие деца обезбедуваме и бесплатни оброци, курсеви по странски јазици и информатика во училиштата. Дополнително, во рамките на програмите за поддршка на младите, сите првачиња во општина Кисела Вода добиваат бесплатни ранци и училиштен прибор преку проектот ‘Ранче за секое прваче’, додека за децата од социјално загрозените семејства се организираат бесплатни летувања, што придонесува за нивниот развој и рамноправни можности“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска потпиша нови решенија за оваа поддршка, со што се потврдуваат заложбите за инвестирање во најмладите генерации.

Дополнително, општината активно вложува во подобрување на условите за предучилишно образование. Во моментов е во тек изградбата на нова градинка во населбата Стопански Двор, а паралелно се работи на подготовка на документација за изградба на уште две нови градинки на територијата на Општина Ѓорче Петров.

„Создаваме услови за секое дете и секое семејство да имаат сигурна и подобра иднина во Ѓорче Петров. Ова не е само наша обврска, туку и наша мисија. Општината се развива заедно со граѓаните и за граѓаните,“ изјави градоначалникот Стојкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ