Промоцијата ќе ја модерира Оливера Андоноска, промотор ќе биде Габриела Стојаноска Станоеска.
„’Современи театарски осврти’ е иницијална збирка аналитички профилирани размисли на Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри. Оваа книга едновремено е најава и за втор дел од овие анализи кои умешно балансираат по работ на личниот есеистички израз и дискурзивниот пристап кон анализираната проблематика. Солидно исполнувајќи ги формалните естетски, стилистички и јазични филтри, ова четиво нуди удобност да се фокусираме на суштината и содржината на истото. Истовремено, со дистанцата од личните ставови преку обраќањето во граматичко трето лице множина, авторот се позиционира од страната на пошироката публика, а не како осамен и ригиден критичар. Со тоа, недвосмислено поканува на отворена, аргументирана и пријателска дебата за истите меѓу сите на кои театарот и драмската уметност им се од посебно и суштинско значење. Во време кога релевантната критика во доменот на литературата, уметноста и културата, генерално, во Македонија е целосно отсутна и непостоечка (ако некогаш и воопшто сме ја имале – покојниот академик Милан Ѓурчинов во едно негово обраќање во МАНУ беше категоричен уште во првата реченица: Во Македонија не постои критика), ова дело можеме да го поздравиме како благородна претходница за сите слични публикации, муабети и споделени искуства од кои ќе излеземе духовно и естетски побогати“, вели Александар Еленин за книгата на Димоски.