недела, 20 октомври 2024

Во Бразил измерена највисока температура досега

Бразил ја забележа најтоплата температура во историјата на мерењата во таа јужноамериканска земја, дури 44,8 степени Целзиусови. Во Бразил моментално трае неподнослив топлотен бран кој зафати големи делови од земјата.

Објавено на

часот

Сподели

Рекордот беше соборен во неделата во градот Арасуаи, во југоисточната бразилска држава Минас Жераис, соопштија официјални лица. Невидените горештини се припишуваат на феноменот Ел Нињо и климатските промени. Синоптичарите рекоа дека жештината веројатно ќе се намали оваа недела.

Официјални лица од Националниот институт за метеорологија (Инмет) соопштија дека температурите до 40 степени ќе бидат забележани во три главни градови на бразилските држави, објави Си-ен-ен Бразил. Претходниот температурен рекорд беше 44,7 степени и беше измерен во 2005 година.

Поради горештините, црвени аларми беа издадени низ земјата, еден месец пред почетокот на летото на јужната хемисфера. Потрошувачката на енергија во Бразил се искачи на рекордно ниво бидејќи луѓето се обидуваат да се разладат со клима уреди.

Топлотниот бран без преседан доведе и до откажување на еден од концертите на Тејлор Свифт во Рио де Жанеиро, откако една обожавателка колабираше и почина пред настапот во петокот. Според организаторите, 23-годишната Ана Клара Беневидес Мачадо побарала помош на стадионот откако не се чувствувала добро. Таа била пренесена во болница, но еден час подоцна починала.

Официјалното истражување објавено пред две недели покажа дека просечната температура во земјата од јули до октомври била над историскиот просек. Екстремните временски услови стануваат се почести и поинтензивни на многу места низ светот поради климатските промени.

Според научниците, топлотните бранови стануваат подолги и поинтензивни на многу места и се очекува да продолжат бидејќи луѓето продолжуваат да испуштаат стакленички гасови кои ја загреваат планетата. Во моментов е активен временскиот феномен Ел Нино, при што глобалните температури обично се зголемуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ