Во рамки на посетата на општина Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање тој појасни дека на вчерашната владина седница добиле исцрпен брифинг од страна на Министерот за економија и труд и извештај на Државниот пазарен инспекторат.
„Денеска се сретнавме во Собрание, предлогот го имам веќе во работна верзија, во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на седница утре да биде донесен и да биде спроведен од страна на супермаркетите или хипермаркетите. Малопродажната и големорподажната маржа се ограничува на 10 проценти. Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со производи за хигиена, бебешката храна, а опфатено е речиси се од тоа што граѓаните го користат“, изјави Мицкоски.
Премиерот забележа на критиките на опозицијата за мерката супермаркетите и хипермаркетите на своите веб-страници да ги ажурираат цените на производите.
„Донесовме заклучок, иако наидува на потсмев кај опозициските глансоговорници, но и опозициските партии, сите супермаркети и хипермаркети на своите веб-страници на дневна основа да ги ажурираат цените. Ако сега влезете, не можете да прочитате кои се цените на производите. Тоа е пракса во некои земји во светот. Ако во еден синџир маркети еден производ чини икс-парички, а во друг чини половина икс парички, како конзумент ќе се подзамислам од каде да го купам тој производ и тоа ќе создаде конкуренција на едните со другите“, додаде премиерот.
На вчерашната владина седница, посочи дека бил донесен заклучок Министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат и да излезе повторно на терен да ја прошират акцијата и на други трговски хипермаркети во делот на белата техника.