Откако претставници на владата и трговските синџири и потрошувачките здруженија вчера зад затворени врати разговараа за мерките кои властите можат да ги преземат за да се заузда дивеењето на цените, министерот Хасичевиќ на новинарите во Сараево им потврди дека начелен договор за тоа е постигнат па само преостанува да се дефинира списокот на производи чии цени ќе бидат ставени под посебен режим.
Преговорите следеа откако неформална група граѓани повика на бојкот на продавниците по примерот на сличните акции спроведени во земјите од регионот.
Податоците на ентитетските даночни управи покажаа дека бојкотот кој требаше да се случи минатиот петок го немал очекуваниот ефект бидејќи трговскиот промет на 31 јануари бил дури нешто поголем од истиот ден претходната недела, но во владата на Федерацијата на БиХ заклучија дека треба да реагираат на незадоволството на потрошувачите од постојаниот раст на цените.
„Ние како влада го добивме тој сигнал и се обидуваме да одговориме. До петок 50 основни артикли нема да ги замрзнеме, како што велат некои сега кога цените пораснаа, туку ги враќаме, значи правиме намалување. Правиме намалувања и ќе ги контролираме маржите“, изјави Хасичевиќ.
Во Република Српска нема најава за слични мерки, но ентитетскиот премиер Радован Вишковиќ изјави дека тие решиле да го засилат инспекцискиот надзор во продавниците и така да се обидат да го сопрат неоправданиот раст на цените.
Призна дека уште сега е јасно дека некои од производите се апсурдно високи. „Ако врз основа на извештаите кои ќе ни ги доставува инспекцијата забележиме такво нешто, тогаш, ако треба, ќе донесеме и одредени поригорозни мерки“, изјави Вишковиќ.
Но, федералниот министер Хасичевиќ признава дека сето тоа се краткорочни мерки а трајно решение е само економски раст. „Долгорочното решение е раст на бројот на вработени и раст на платите. Имаме слаба куповна моќ па целото трошење го фокусираме на неколку производи, затоа што поголемиот дел од нашите плати го трошиме на исхрана“, кажа тој.