сабота, 19 октомври 2024
Денеска е Меѓународниот ден на жената од руралната средина

Вклучувањето на жените од руралните заедници во носењето одлуки е прашање на нашиот опстанок, вели Шукова

Под слоганот „Жените имаат клучна улога во развојот на своите заедници“ вчера крај Велес, Мрежата за рурален развој го одбележа 15 Октомври Меѓународен ден на жената од руралната средина.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата на која присуствуваа претставници на повеќе здруженија од земјава се обрати министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која  истакна дека зајакнувањето на жените од руралната средина е од суштинско значење за борбата против климатските промени.

„Климатските промени претставуваат егзистенцијална закана за нашата планета,а руралните области често се најранливи на овие деструктивни влијанија.Овие жени имаат потенцијал да направат значајна разлика.Тие се оние кои го носат товарот од променливите временски услови и тие се оние кои можат да го предводат воспоставувањето на одржливи земјделски практики и иницијативи за зачувување на животната средина.Затоа кога руралните жени се активно вклучени во климатските активности,ние како општество можеме да ја зајакнеме нашата отпорност кон предизвидите што претстојат“, потенцира министерката Шукова.

Таа информира дека визијата на секторот животна средина и климатски промени е да се насочи земјата кон поурамнотежен развој, преку превенција и воведување на концептот на одржлив развој.

„Бидејќи единствено преку практикување на политиките за континуиран економски и социјален напредок, без да се наштети на животната средина и природните ресурси е можно унапредување на квалитетот на животната средина и животот на сите граѓани. Затоа поголема вклученост на жените од руралните заедници во носењето одлуки и справување со климатските промени не е само прашање на родова еднаквост-тоа е прашање на нашиот опстанок“, потенцира Шукова.

Целта на настанот е обединување на свеста на жените од руралните средини за нивната клучна улога во локалните заедници и општеството.

На средбата беше презентиран документарен филм „Успешни жени претприемачки од рурални средини“, изработен од  Мрежата за рурален развој.

Во своето обраќање до присутните Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата истакна дека е потребна поголема вклученост на жените од руралните средини во сите сфери, како и поактивно градење на нивниот претприемачки дух.

„Земјоделството е главна дејност на руралните средини во процесот на обезбедување на храна, но постојат и други не-земјоделски дејности како мали семејни бизниси од областа на занаетчиството, руралниот туризам и други услужни дејности кои се важен двигател што придонесува кон зголемување на националниот раст. Инвестирањето во жената од руралните средини, вклучувајќи ги и малите домаќинства може значително да придонесе кон зајакнување на овој сектор, а од тоа корист ќе имаат самите жени, нивните семејства, како и целата економија и општетство“, посочи Ѓоргиевски.

На настанот претставници од институции, организации и жени од руралните средини кои се членки на оваа Мрежа за рурален развој, дискутираа за влијанието на климатските промени на руралните средини со акцент на жените.

Професорката Александра Мартиновска Стојческа од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и Лиљана Јоноски од Рурална коалиција презентираа добри практики и решенија за справување со деструктивното влијание на климатските промени и егзистенцијалната ранливост на руралната средина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ