петок, 21 февруари 2025

Високиот претставник во БиХ: Република Српска не е држава, нема државност и не е српски ентитет

Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит предупреди дека ентитетите во таа земја немаат елементи на државност и можат да постојат само во државната рамка воспоставена со Дејтонскиот договор потпишан во 1995, со кој заврши тригодишната војна во БиХ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шмит се огласи со посебна изјава во која со одложување реагираше на тоа што властите на Република Српска минатата со властите на Србија организираа заедничко одбележување на Денот на државноста на Србија.

Поради тоа во Бања Лука допатува и претседателот на Србија Александар Вучиќ и тој со претседателот на Република Српска Милорад Додик заедничката прослава ја опишаа како почеток на спроведувањето на декларацијата на таканаречениот сесрпски собор од јуни 2024 со која беше најавено поцврсто поврзување на Србија и РС.

Шмит сега оцени дека тоа било политичко злоупотребување на настаните од 19 век и практично претставувало кршење на уставот на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор, чиј потписник е и Србија.

„Дејтонскиот договор е јасен – ентитетите правно постојат само врз основа на уставот на БиХ и немаат суверенитет ни државност. Република Српска, како составен дел на суверената држава Босна и Херцеговина, подлежи на суверенитетот на Босна и Херцеговина“, оцени Шмит.

Тој оцени и дека РС не е ентитет на српскиот народ туку мултиетнички ентитет во кој трите конститутивни народи и малцинствата се рамноправни, а ентитетските тела не го претставуваат само српскиот народ.

Шмит ги повика сите политички актери во БиХ да го почитуваат Дејтонскиот договор бидејќи тој е правниот и уставен темел на БиХ.

Со членот 5 од анексот 10 од Дејтонскиот договор е утврдено дека високиот претставник на меѓународната заедница е „конечниот авторитет“ околу толкувањето на договорот во врска со спроведувањето на цивилните аспекти на тој договор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ