петок, 20 декември 2024

Висок руски генерал: Контролата на нуклеарното вооружување е минато

Русија сега смета дека контролата на големите нуклеарни арсенали од ерата на Студената војна е минато поради недовербата меѓу Москва и Западот, кажа денес висок руски генерал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Русија и Соединетите Американски Држави, кои ги поседуваат најголемите нуклеарни арсенали во светот, изразија жалење поради раскинувањето на низа договори за контрола на вооружувањето кои ја успорија трката во вооружувањето и го намалија ризикот од нуклеарна војна.

Началникот на генералштабот на руските оружени сили Валериј Герасимов ги обвини САД дека разгоруваат конфликти низ светот и дека ги уништиле клучните договори за контрола на вооружувањето од ерата на Студената војна. Кажа дека Русија поради тоа развива односи со Кина, Индија, Иран, Северна Кореја и Венецуела.

„Генерално, темата за контрола на вооружувањето е минато бидејќи враќањето на нормалното ниво на доверба денес е невозможно поради двојните стандарди на Западот“, кажа Герасимов, како што се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана.

„Без доверба не е можно да се воспостави ефикасен механизам за меѓусебна контрола“, кажа тој. „Многу земји почнаа да размислуваат за соодветен одговор“.

САД, кои постојано тврдат дека Русија и Кина се најголеми закани за Западот, ја обвинуваат Русија за раскинувањето на договорот за антибалистичките проектили од 1972 и договорот за нуклеарните сили со среден дострел од 1987.

САД формално се повлекоа од вториот договор во 2012, тврдејќи без докази дека Русија го прекршила, а од првиот уште во 2002 година.

Рускиот претседател Владимир Путин го суспендираше во 2023 руското учество во договорот Нов СТАРТ, кој го ограничува стратегиското нуклеарно оружје на двете страни, обвинувајќи ја за тоа американската поддршка на Киев. Но, Москва ги почитува ограничувањата на бројот на боевите глави, проектилите и бомбардерите пропишани со тој договор, а тоа го прави и Вашингтон.

Герасимов истакна дека распоредувањето американски проектили во Европа и Азија ја разгорува „трката во стратегиско вооружување“ и дека Русија е особено загрижена од јакнењето на американските сили на Филипините. Кажа дека Русија гледа засилена активност на НАТО во близина на руските граници.

Откако Украина од минатиот месец повеќе пати ја гаѓаше руската територија со американски проектили со долг дострел, САД станаа директен учесник во конфликтот во Украина, додаде рускиот генерал.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ