„По официјалните резултати од изборите, Виктор Орбан му честиташе на Владимир Путин за неговиот реизбор“, поздравувајќи го одржувањето на дијалогот „дури и во тежок геополитички контекст“, напиша портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач на социјалната мрежа Икс.
Централната изборна комисија на Русија вчера ги објави конечните резултати од претседателските избори, според кои Владимир Путин освоил 87,28 отсто и со тоа е избран за нов шестгодишен мандат, до мај 2030 година, пренесе Тасс.
Комисијата објави дека кандидатот на Комунистичката партија на Русија Николај Харитонов освоил 4,31 отсто, додека на третото и четвртото место се Владислав Даванков од партијата Нови луѓе и лидерот на ЛДПР Леонид Слуцки со 3,85 отсто и 3,2 отсто.
Според законот, инаугурацијата на шефот на руската држава треба да се одржи на 7 мај.