„Воздржаноста и дисциплината, тоа се карактеристиките на израелските одбранбени сили што сакам да ги видам“, изјави Клеверли за Скај њуз. Израел се подготвува за копнен напад во Појасот Газа кој е под контрола на Хамас, откако им порача на Палестинците да бегаат на југ кон затворената граница со Египет.
„Направете сè што можете за да го спречите Хамас да го добие она што го сака, а тоа е ова да ескалира во поширок регионален конфликт“, додаде Клеверли, одбивајќи да каже дали британската влада смета дека какви било израелски дејствија во Газа претставуваат кршење на меѓународното право.
Обединетите нации, високи функционери на ЕУ и на хуманитарните агенции изразија загриженост бидејќи многу Палестинци се борат да побегнат пред координирана офанзива во Појасот Газа во која се вклучени воздушните, копнените и поморските сили.
Офанзивата се очекува бидејќи цивилите продолжуваат да страдаат под целосната опсада што ја наметна Израел по невидениот смртоносен упад на милитантите на Хамас во земјата минатиот викенд.