петок, 21 февруари 2025

Пелистер игра клучен натпревар во Лигата на шампионите

Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска во 20:45 часот во Битола ќе го почнат натпреварот против Динамо Букурешт кој мора да го добијат доколку сакаат пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите.

Објавено на

часот

Сподели

Пелистер ги загуби сите натпревари минатата сезона, но битолскиот тим во оваа е далеку подобар, има шанси и да ја помине групната фаза од најсилното европско клупско натпреварување.

Битолчани се наоѓаа во добра позиција, но победата на Висла Плоцк над ПСЖ во минатото коло им ги расипа сметките. Полскиот тим и македонскиот шампион сега имаат ист број на бодоци, но Висла е подобра во меѓусебниот дуел.

Поради тоа е неопходна победа на денешниот натпревар против Динамо Букурешт, романскиот тим во моментов е во лоша форма иако во првиот натпревар го прегази Пелистер со 34-25.

„Среќни сме што пак ќе играме во Европа пред нашите навивачи. Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар. Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, рече тренерот на Пелистер, Раул Алонсо.

Својот натпревар денеска го игра и ривалот на Пелистер, Висла Плоцк која од 18:45 часот го пречекува Фуксе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ