среда, 23 октомври 2024
Во Корча се одржа четвртиот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција

Васил Стерјовски едногласно реизбран за претседател на Партијата на Македонците во Албанија (МАЕИ)

Објавено на

часот

Сподели

Стерјовски е магистер по историски науки, претседател е и на друштвото Сонце, прв пратеник во албанскиот Парламент (16 мај 2019 до 9 септември 2021) кој јавно се декларира како Македонец и прв кој се обрати на македонски јазик во албанскиот законодавен дом. Стерјовски е професор на Универитетот во Корча.

jk

Во своето обраќање Стерјовски порача дека на Македонците во Албанија им е потребна силна и авторитетна македонска партија, која ќе биде народна и демократска, ќе работи транспарентно, за права, слободи, правда, демократија и развој на Македонците и на сите граѓани на Република Албанија, како еднакви со еднаквите, еднакви права и слободи за сите.

„Ние сме Македонци. Нас не има многу, многу повеќе во цела Албанија отколку што не бројат во Мала Преспа. Македонците во Албанија не се само Мала Преспа, туку и во Врбник, Голо Брдо, Гора, Тирана, низ цела Албанија. Македонците во Албанија се вградени во историјата и културата на оваа земја. Ние сме лојални граѓани на оваа земја, затоа што и таа е наша татковина. Нашето единство не прави силни да одолееме на сите предизвици и негации од сите страни по сите основи“, нагласи Стерјовски.

Се задржа и на престојниот попис на населението во Албанија, што ќе се спроведе во октомври, во кој, како што рече, мора „максимално да се вклучиме заради релевантно попишување на Македонците, имајќи ги предвид сите манипулации кои ги врши Владата во Софија и бугарската Амбасада во Тирана да покаже дека во Албанија Македонците се Бугари“.

„Најостро ги отфрламе обидите за денационализација на Македонците од страна на Бугарија. Нема да дозволиме, Македонците да бидат колатерална штета во евроатлантските интеграции на Албанија, под бугарски диктат, што Софија го прави со злоупотреба на ветото за членство на Албанија во Европската Унија. Во оваа борба, бараме помош и од Владата во Тирана и од Владата во Скопје, бидејќи тоа претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија, спротивно на меѓународното и домашното право“, нагласи Стерјовски.

Според него „Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во македонско-албанските односи“.

„Наша задача и натаму останува унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија, наша задача е унапредувањето на положбата и правата на сите етнички заедници во Албанија, а заедно со нив, во координација и соработка, да ја градиме државата Албанија. Бараме Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа“, нагласи тој.

Според него, Македонска алијанса „во соработка со организациите на малцинствата во Албанија мора да се избори за гарантирани квоти во Парламентот на Република Албанија за сите малцинства – Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, Ромите и Бошњаците“

„Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што Македонците живеат, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците“, посочи Стерјовски оценувајќи дека функцијата претседател на МАЕИ ја смета за одговорна функција која бара многу напор.

На највисокиот партиски собир, кој беше одржан во хотел „Грант Палас“ во Корча, под мотото “Македонците – нераскинлив дел од Албанија“, присуствуваа и македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски како и други гости од неколку соседни земји.

Македонската алијанса за европска интеграција придонесува кон континуираното подигање на свеста за посебниот македонски идентитет – позиција изградена низ децениите заеднички соживот, добрососедство, солидарност и уважување како реален респектабилен доказ како треба да се гради и развива граѓанското општество, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на четвртиот Конгрес на оваа политичка партија во Корча, Албанија, на покана од претседателот Васил Стерјовски.

Според Спасовски, Македонската алијанса за европска интеграција, создадена во 2004 година во Тирана како прва и единствена македонска партија во Албанија што ќе се грижи за положбата и правата на Македонците во оваа држава, создава традиција на активно политичко делување, ширејќи го духот на пријателството и зближувањето меѓу двете држави.

„Македонската алијанса за европска интеграција се изродила како производ на соработката на претставниците на бројни македонските здруженија кои активно работат во Албанија, како што се Заедницата на Македонците во Албанија, Политичкото друштво МИР од Тирана, Друштвото Преспа од Пустец, Македонско-Егејското друштво МЕД од Врбник и Друштвото Гора од Кукс, при што е востановена и основната цел на оваа партија, а тоа е зачувување на правата, социјалните, политичките и етнокултурните интереси на сите државјани на Албанија кои по националност се Македонци, кои се идентификуваат преку мајчиниот македонски јазик, преку обичаите и традициите наследени и зачувани со векови“, рече Спасовски.

Спасовски потенцираше дека е големо значењето на Македонската алијанса за европска интеграција имајќи предвид, како што посочи, дека таа ја негува и соработката меѓу заедниците кои живеат во Република Албанија, преку почитување на нивните етнички, јазични и културни права, паралелно грижејќи се за зачувување на најбитните белези на Македонците во Албанија, а тоа без сомнение се националната припадност, културата, обичаите, традицијата, јазикот, фолклорот и друго.

„На тој начин, вие активно придонесувате за континуирано подигање на свесноста за посебниот македонски идентитет – позиција изградена низ децениите заеднички соживот, добрососедство исполнето со лојалност, меѓусебна почит, добронамерност, солидарност и уважување, како реален респектабилен доказ како треба да се гради и развива граѓанското општество. Оттука и нашата безрезервна поддршка кон сите вас, затоа што континуирано придонесувате во негувањето на таа шареноликост, а што е уште поважно – во градењето на заедништвото кое влечејќи корени од минатото, сѐ појасно ја зацртува нашата заедничка европска иднина. Ние остануваме и понатаму отворени за што поактивна соработка со вас, изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочувате, користејќи ги сите расположливи механизми, како што се нашите средби за време на моите посети на Албанија, заедничките седници на Владите на Северна Македонија и Албанија, кои претставуваат можност за иницирање на решенија за проблемите на македонската заедница во Албанија, но и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности“, истакна Спасовски.

Денес ја имав таа чест да присуствувам на четвртиот конгрес на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ под мотото „Македонците – нераскинлив дел од Албанија“, каде покрај другото се зборуваше и за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија, информираше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

„Овој конгрес покажа единство и визија како натаму да ги унапредиме правата на Македонците во Албанија, како на политички така и на економски план. ВМРО-ДПМНЕ дава безрезервна поддршка на Македонците во соседството“, пишува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

МАЕИ во судскиот регистар во Тирана е запишана во јуни 2005 година а нејзин прв претседател беше Едмонд Темелко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ