Последното рочиште во постапката против Додик и директорот на службениот весник на Република Српска Милош Лукиќ е предвидено за изнесување на завршните говори на обвинителството и одбраната.
Ако тоа заврши во текот на денот судијката Сена Узуновиќ пресудата може да ја објави веднаш или најдоцна во рок од три работни дена најдоцна до 25 февруари.
Додик и Лукиќ се обвинети бидејќи во 2023 година овозможиле објавување на два закони во службениот весник донесени од парламентот на РС иако претходно високиот претставник Кристијан Шмит ги поништи.
Законите се поништени бидејќи со нив РС се обидува да забрани спроведување на пресудите на уставниот суд на БиХ и одлуките на високиот претставник, кои се во спротивност на Дејтонскиот договор.
Во БиХ непочитувањето на одлуките на високиот претставник е прогласено за кривично дело за кое може да се добие казна до пет години затвор, а осудувачка пресуда за Додик би значела и автоматска смена од функцијата претседател на Република Српска.
Додик вчера во Бања Лука се сретна со најблиските соработници за да одлучат што ќе преземат доколку тој биде осуден. По состанокот на медиумите им беше доставено соопштение со повеќе заканувачки најави во кои очекуваната пресуда на Додик е означена како државен удар.
„Народното собрание, владата и сите институции на РС ќе дејствуваат со носење радикални одлуки како одговор на која било пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на конститутивниот народ во РС на ниво на БиХ, како и сите вработени во телата на БиХ ќе се повлечат од заедничките институции и ќе ја прекинат работата“, се наведува во соопштението.
Додик и неговите соработници, меѓу кои е и претседателката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, констатираа дека „каква било“ пресуда на Судот на БиХ е правно насилство и претставува државен удар на БиХ и РС и затоа Бања Лука на тоа „нема да остане нема“.
На страната на Додик застана и претседателот на Србија Александар Вучиќ кој кажа дека се надева на „мудри одлуки“ на судот за да не дојде до понатамошна дестабилизација на БиХ.
Слична поддршка Додик доби и од унгарскиот премиер Виктор Орбан кој вчера по заедничката средба кажа дека сега треба да престанат политичките напади на Додик и „треба да престане неговото казнување“.