петок, 15 ноември 2024

Уставниот суд на Македонија ја продолжува соработката со Уставниот суд на Турција

Делегација на Уставниот суд во состав од претседателот, Дарко Костадиновски, судиите Фатмир Скендер, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и шефот на кабинетот, Екрем Халими, оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Република Турција.

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на работниот дел претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски изрази задоволство од организирањето на оваа билатерална посета и потенцираше дека на средбата и претходи долгогодишно искуство на соработка и пријателски односи со Уставниот суд на Република Турција, но и со другите правосудни инстанци.

Костадиновски ја истакна важноста од одржувањето на одличните односи, особено кога станува збор за заедничко членување во регионални или меѓународни организации од областа на уставното право.

„Изразувам голема благодарност во име на Уставниот суд за вашата иницијатива да се продолжи оваа соработка. Во текот на 2007 година, нашите претходници следејќи ги пријателските односи помеѓу двете држави потпишале Меморандум за соработка. Она што нам ни останува како должност е да му обезбедиме живот, суштина и динамика на тој меморандум. Токму овој документ ни е поттик и рамка заеднички да ја унапредиме соработката и заемната поддршка во меѓународните форуми, како Балканскиот форум на уставни судови кој следната 2025 година ќе се одржи во Република Турција, а во 2026 во Македонија, во рамките на Европската и Светската конференција на уставни судови”

Судиите разменија мислења на повеќе теми од значење за постапувањето и надлежностите на двата суда. Централни теми за кои се водеше дискусија и се разменуваа искуства, беа механизмите за извршување на одлуките на судовите, механизмите за следење на извршувањето на одлуките, за кои свои излагања имаа судијката проф. д-р Ана Павловска-Данева и судијата м-р Фатмир Скендер, додека судијката м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева имаше свое излагање на темата за  уставната тужба.

Во разговорите беа прецизирани и конкретни области за соработка во наредниот период, како што е користењето на Истражувачкиот центар кој е дел од Уставниот суд на Турција, продолжување на практиката за стручна размена и престој на ниво на судии, студиски престој и учество на Летната школа на стручната служба, како и можностите за поддршка на капацитетите на Уставниот суд на Македонија во поглед на дигитализација на судот, опремување со современи компјутери и друга ИТ-опрема.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ