сабота, 19 октомври 2024

Уредничката на РТ предложи да фрлат атомска бомба над Сибир како предупредување до Западот, Кремљ ја одби

Главната уредничка на руската државна телевизија РТ, Маргарита Симоњан, изјави дека Москва би можела да тестира атомска бомба над Сибир како предупредување за Западот. Кремљ ја отфрли таквата теза.

Објавено на

часот

Сподели

„Во моментов уште не сме се откажале од меѓународниот режим на одбивање нуклеарни експерименти. Тоа досега не се случило, така што мислам дека сега не се можни такви дискусии од официјална гледна точка“, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.

Неговата изјава е одговор на изјавата на Симоњан дека Москва нема потреба директно да го нападне Западот, туку предложи да „изведе термонуклеарна експлозија на стотици километри над нашата територија некаде во Сибир“ за да му ја покаже својата сила на Западот.

Таа во понеделникот сугерираше дека таквата експлозија ќе ја „уништи целата радиоелектроника“ и ќе влијае на сателитите, камерите и телефоните, но не и на луѓето, тврдејќи дека животот ќе се врати како што беше во 1993 година и дека таа би била среќна да живее во свет со помалку гаџети.

Повикот за тестирање нуклеарна бомба над Сибир предизвика лути реакции кај некои локални политичари, меѓу кои и Марија Прусакова, членка на Државната дума од Комунистичката партија, која ја претставува источната територија Алтај. Таа изјавата на Симоњан ја нарече „длабока навреда“ и рече дека уредничката на РТ треба во најмала рака да им се извини на жителите на Сибир, пренесе Москва тајмс.

„Треба барем да им се каже на сите жители на Сибир, а уште повеќе на оние што сè уште ги трпат последиците од тестирањето на полигонот во Семипалатинск“, рече таа.

„Како физичар по образование, ќе коментирам. Нема ништо добро во копнените термонуклеарни експлозии. Последиците може да влијаат не стотици години, туку дури илјадници“, рече Анатолиј Локот, градоначалник на Новосибирск во јужен Сибир.

Кремљ се огради од зборовите на Симоњан, при што портпаролот Дмитриј Песков во вторникот им рече на новинарите дека нејзините зборови не го одразуваат официјалниот став на Москва и дека Русија „не се откажала“ од мораториумот на нуклеарните тестирања.

Николај Королев, помошник на членот на градската дума во Москва Јевгениј Ступин, рече дека поднел петиција до Министерството за внатрешни работи и Истражниот комитет на Русија да ги испитаат забелешките на Симоњан.

Во нејзиниот предлог, Симоњан вели дека е потребна нуклеарна детонација над Сибир за да се испрати „болна“ порака до Западот во услови на „нуклеарен ултиматум што станува сè поневозможно да се избегне“.

„Ова е најхуманата опција“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ