вторник, 16 јули 2024

Унгарија: Ако Трамп останеше претседател, немаше да има војна во Украина

Објавено на

часот

Сподели

„Трамп да победеше на изборите, оваа војна немаше да избие“, рече Сијарто во интервју за емисијата „Национален извештај“ на десничарскиот канал „Њузмакс“. Унгарецот рече дека за време на мандатот на републиканецот немало „руски напади против никого“ и дека Будимпешта на неговото потенцијално враќање во Белата куќа гледа како на надеж за мир во Украина.

Вчера поранешниот американски претседател пред судот во Мајами се изјасни за невин по обвиненијата дека незаконски чувал доверливи документи по напуштањето на Белата куќа, вклучително и оние за нуклеарното оружје и за потенцијалните ранливости на земјата во случај на напад.

На Трамп му се заканува и кривична пријава во државата Њујорк затоа што наводно ѝ платил на порно ѕвезда да молчи за нивната врска.

Сијарто во интервју за американските медиуми, кое денеска го објави на својот официјален Фејсбук профил, рече дека овие обвиненија не се ништо невообичаено и дека ваквата ситуација се повторува секогаш кога конзервативен лидер ќе има можност да ја преземе власта, што се случува и во Европа.

„Либералниот мејнстрим не се колеба да користи различни алатки, а судството е едно од нив“, рече Сијарто, министер од конзервативната влада, која исто така често е обвинета за кршење на поделбата на власта и нетранспарентност.

Според последниот извештај на Транспаренси Интернешнл, Унгарија го има најкорумпираниот јавен сектор во Европската унија.

„Ние стоиме покрај Трамп и му држиме среќа. Под негово водство, САД и Унгарија имаа најдобри односи во историјата“, рече унгарскиот министер, додавајќи дека републиканецот како „вистински пријател“ може да смета на поддршката на Будимпешта.

Трамп останува пред своите ривали за републиканската номинација во 2024 година, според анкетата на Ројтерс и Ипсос објавена во понеделникот, додека 81 отсто од републиканските гласачи, исто така, сметаат дека обвинувањата се политички мотивирани.

Запрашан дали Унгарија ќе го одобри членството на Шведска во НАТО алијансата, која сѐ уште чека зелено светло од Анкара и Будимпешта, Сијарто рече дека од таа скандинавска земја доаѓале напади слични на оние против Трамп.

Унгарскиот министер рече дека Стокхолм ја напаѓа Будимпешта дека е недемократска, што пратениците го сфатија како навреда. Тој нагласи дека владата го поддржува процесот на ратификација, но дека претставниците ќе го потврдат членството на Шведска „кога ќе бидат подготвени“.

Зборувајќи за војната во Украина, Сијарто рече дека таму не страдаат само Украинците, туку и Унгарците. Унгарското малцинство во Украина брои 150.000 членови, така што тие често се регрутирани да се борат на првите борбени линии, рече тој.

Затоа, Унгарија сака примирје што е можно поскоро, бидејќи „секој нов ден на војна носи нови жртви“. „Оваа војна нема решение на бојното поле“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ