четврток, 14 ноември 2024

Украинската војска тврди дека целосно го контролира Купјанск во североисточна Украина

Украинската армија денеска објави дека нејзините војници имаат целосна контрола над градот Купјанск во североисточна Украина и дека нејзините сили го запреле рускиот напредок кон железничкиот центар, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руски функционер претходно изјави дека силите на Москва се зацврстуваат на периферијата на градот.

Купјанск беше заземен од руските сили во раните денови на инвазијата во февруари 2022 година и повторно заземен од украинските трупи во брза контраофанзива неколку месеци подоцна.

Во последните месеци беше забележано зголемување на активноста на руските сили на тоа подрачје.

„Наводното присуство на руски војници во градот Купјанск не е точно“, напиша Генералштабот на украинската армија на апликацијата Телеграм.

Ројтерс не можел самостојно да потврди што се случува на бојното поле.

Радио Слободна Европа (РСЕ) јавува дека Виталиј Ганчев, функционер во областа назначен од Москва, претходно изјавил дека руските сили зазеле позиции во предградијата на Купјанск и напредуваат кон североисточниот и југоисточниот дел на градот.

„Информациите за окупацијата на населбата Илинка и наводното упориште на руските војници во градот Купјанск не се точни“, објави Центарот за стратегиски комуникации на украинската армија на 14 ноември на социјалните мрежи.

„Генералштабот информира дека вчера (13.11.) украинските војници го запреле напредувањето на непријателот во Купјанск, ја уништиле целата негова оклопна опрема и елиминирале голем дел од персоналот“, соопштено е.

Руските сили го освоија Купјанск, стратегиски важен железнички центар, непосредно по почетокот на инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година, но украинските трупи го ослободија во контраофанзива есента истата година.

Русија ја продолжи својата офанзива во Харковската област во последните месеци, додека продолжи да го напаѓа Харков, втор по големина град во Украина, со ракети и артилериски оган, предизвикувајќи многубројни цивилни жртви и оштетувајќи ја цивилната и енергетската инфраструктура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ