Владата на својот сајт наведе дека ги овластува Јулија Свириденко или Андриј Сибига да го „потпишат билатералниот договор со кој се утврдуваат правилата и условите за планираниот инвестициски фонд за реконструкција“.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски утре во Вашингтон да го финализира договорот, договорен на упорното барање на неговиот американски колега Доналд Трамп, кој сака да добиер надомест за воената и економска помош која САД му ја даваат на Киев.
Зеленски првично ја отфрли првичната верзија на текстот, која ја оцени како премногу неповолна за неговата земја. Тоа предизвика незадоволство на Трамп кој подоцна го нарече Зеленски диктатор.
Украинскиот претседател во средата го опиша компромисот постигнат со САД за експлоатација на рудното богатство како „почеток“ и „рамковен договор“ со цел постигнување подетален иден договор, но истакна дека успехот при склучувањето на договорот ќе зависи од разговорот со Трамп.
Деталите на текстот не се јасни, без оглед дали станува збор за износите или за безбедносните гаранции кои ги бара украинската страна.
Според Зеленски, приходите од експлоатацијата на минералите според договорот ќе бидат депонирани во заеднички американско-украински фонд.
Украинските медиуми пренесоа дека во текстот се спомнува безбедноста на Украина, но дека нема конкретни гаранции.
Подземјето на Украина наводно содржи околу пет отсто од светските минерални ресурси, но тие кои ги сака Трамп главно се неискористени, тешки за вадење или се под руска контрола, бидејќи се наоѓаат на анексираните територии.
Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека ги поздравува американските инвестиции во украинските региони кои ги освои неговата земја.