вторник, 22 октомври 2024

Украина создаде мрежа саботери во Русија: „Кешот прави чуда“

Објавено на

часот

Сподели

Американските власти веруваат дека токму овие проукраински агенти стојат зад нападот со дронови врз Кремљ изведен на почетокот на мај. Дроновите користени во тој напад биле лансирани, сметаат американските власти, од територијата на Русија, а не од Украина.

Не е јасно дали и други неодамнешни напади со дронови – вклучително и еден во станбена област во близина на Москва и друг на нафтена рафинерија во јужна Русија – исто така биле извршени од руска територија, односно дали биле извршени од мрежа на проукраински оперативци во Русија.

Американските власти веруваат дека Украина организирала повеќе саботерски ќелии во Русија. Дел од нив се состојат од проукраински симпатизери и оперативци кои се добро обучени за ваков тип на војување. Се верува дека Украина им дава пристап до дронови произведени од Украина, а американски официјални лица изјавија за Си-ен-ен дека нема докази дека некој од неодамнешните напади со дронови бил извршен со дронови испратени од Америка во Украина.

Официјалните лица не можеа дефинитивно да објаснат како Украинците успеале да ги пренесат дроновите преку граница, но два извори за Си-ен-ен изјавија дека дроновите најверојатно биле пренесени преку одамна воспоставени патишта за шверц, а можеби биле составени од компоненти кои претходно биле шверцувани преку граница.

Еден европски разузнавач, кој сакаше да остане анонимен, рече дека руско-украинската граница е огромна и исклучително тешка за контрола, што ја прави многу погодна за шверц. Овој факт, тврди тој, го користат Украинците речиси една деценија, откако ескалираа конфликтите со руската армија и другите проруски сили.

„Важно е да се разбере дека тоа е периферна област на Русија. Преживувањето е проблем за секого и затоа кешот прави чуда“, вели разузнавачот. Не е сосема јасно кој ги контролира тие проукраински агенти во Русија, велат изворите на Си-ен-ен, иако американските власти веруваат дека делови од украинската разузнавачка заедница се вклучени во операцијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постави општи параметри за оваа операција, но не е директно вклучен во планирањето или извршувањето, изјави извор за Си-ен-ен.

Шефот на украинската воена разузнавачка агенција Кирило Буданов неуморно предлага многу храбри планови за операции против Русија и ги цени симболичните потези, изјавија американски официјални лица за Си-ен-ен.

Неодамна објавените тајни документи на Пентагон открија дека американската ЦИА го повикала Буданов да ги „одложи“ нападите врз Русија на годишнината од руската инвазија, објави Вашингтон пост. Буданов се согласил на барањето на ЦИА, според тајните документи. Но, дронови биле видени во близина на Москва само неколку дена по првата годишнина од војната.

Во друг извештај на американското разузнавање во кој увид имал Си-ен-ен се наведува дека на крајот на февруари, украинскиот претседател Зеленски „предложил напади со дронови врз руски воени цели во Ростовската област“ со оглед на фактот дека Украина нема оружје со долг дострел што може да достигне толку далеку.

Не е јасно дали планот бил одобрен, но во руската Ростовска област, нафтени капацитети беа запалени по, како што се сомнева, повеќекратни напади со дронови извршени минатата година. Русија ги опиша нападите како „криминални дејствија на вооружените сили на Украина“.

„Сѐ што ќе кажам е дека убивавме Руси“, изјави Буданов за Јаху њуз минатиот месец кога беше прашан за нападот со автомобил-бомба во кој минатата година беше убиена ќерка на истакната руска политичка личност во предградие на Москва. Американската разузнавачка заедница тогаш процени дека операцијата била одобрена од елементи во украинската влада.

„И ќе продолжиме да убиваме Руси насекаде во светот до целосна победа на Украина“, додаде Буданов.

Високи американски претставници јавно ги осудија нападите во Русија, предупредувајќи на потенцијална ескалација на војната. Но, приватно, американските и западните официјални лица изјавија за Си-ен-ен дека веруваат дека прекуграничните напади се паметна воена стратегија што може да ги пренасочи руските ресурси кон заштита на сопствената територија додека Украина подготвува голема контраофанзива.

Во вторникот, британскиот министер за надворешни работи изјави за новинарите дека Украина има „право да проектира сила надвор од своите граници за да ја поткопа способноста на Русија да проектира сила во самата Украина. Легитимни воени цели надвор од сопствените граници се меѓународно признати како дел од самоодбраната на нацијата… Треба тоа да се признае“.

Францускиот вицеадмирал Николас Вожур, началник на операции на Здружениот стожер, во петокот за Си-ен-ен изјави дека нападите во Русија се само „дел од војната“ и даваат можност да се испрати порака до руското население.

„Таму има војна и тоа може вас (руската јавност) да ве интересира во иднина“, рече Вожур за нападите. „Затоа, тоа е добар начин Украинците да испратат порака не само до Владимир Путин, туку и до руското население“, додаде тој.

Зборувајќи за нападите, тој рече дека на Украина „не и е забрането“ да размислува за тоа.

Украинските власти приватно велат дека планираат да продолжат со нападите во Русија, бидејќи тоа е добра тактика за одвлекување на вниманието што ја принудува Русија да се грижи за сопствената безбедност дома, според американски извор кој последниве денови разговарал со украинските власти.

Во разузнавачки извештај, британското Министерство за одбрана соопшти дека нападите на проукраинските партизански групи и нападите со дронови во пограничната област Белгород ја принудиле Русија да распореди „цел спектар на воена огнена моќ на сопствена територија“.

„Руските команданти сега се соочуваат со акутна дилема“, се вели во извештајот, „дали да ја зајакнат одбраната во пограничниот руски регион или да ги зајакнат своите линии во окупираната Украина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ