Новиот пакет помош доаѓа во момент кога ослабените украински сили не успеваат да ја задржат руската офанзива, а Русите сè почесто освојуваат села на истокот на Украина.
„Соединетите Држави наскоро ќе најават пакет воена помош вреден повеќе од 2,3 милијарди долари“, кажа Остин по состанокот со својот украински колега Рустем Умеров.
„Во пакетот ќе има системи за противвоздушна одбрана кои служат за пресретнување проектили, противтенковско оружје и низа критично потребна муниција. Сето тоа ќе дојде од американските резерви“, кажа Остин.
„Новиот пакет помош ќе им овозможи на САД да испратат уште противвоздушни ракети „патриот“ и НАСАМС, кои ќе бидат испратени по итна постапка“, додаде тој.
Умеров му се заблагодари на Остин за помошта, оценувајќи дека „благодарение на помошта од сојузниците ќе ја сопрат Русија и нејзината агресија“.
САД за 2,5 години на Киев му испратија оружје и друга воена опрема во вредност од 51 милијарда долари.