недела, 23 февруари 2025

Украина нападна нафтовод во јужна Русија, прекината работата на важна пумпна станица

Украина употреби беспилотни летала за напад на нафтовод што го поврзува Касписко Море со Црно Море во јужна Русија, предизвикувајќи исклучување на клучната пумпна станица, соопшти денеска операторот на објектот.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на Конзорциумот на Каспискиот гасовод (ЦПЦ), кој транспортира нафта од Казахстан во Европа, се вели дека нападот бил извршен со седум дрона наполнети со експлозиви и метални делови, со цел да се наруши работата на инсталацијата и да се елиминира оперативниот персонал на станицата.

Гаѓана била пумпната станица Кропоткинскаја, во близина на рускиот град Ставропол, која е најголема на трасата на нафтоводот, кој сега работи со намален капацитет.

Се додава дека нема жртви меѓу персоналот на ЦПЦ, а вработените во конзорциумот успеале да ја спречат заканата од излевање нафта.

Конзорциумот на Каспискиот гасовод е 24 отсто во сопственост на Русија, 19 отсто на Казахстан и 15 отсто на американскиот нафтен гигант Шеврон, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на компанијата.

„Сите акционери на меѓународниот конзорциум, вклучително и претставници на американски и европски компании, се информирани за нападот“, соопшти ЦПЦ.

Нафтоводот долг повеќе од 1.500 километри главно транспортира нафта од Казахстан преку Русија до Црно Море, а потоа до Европа.

Киев сѐ уште нема пријавено дека е извршен таков напад.

Три години од почетокот на рускиот напад врз Украина и речиси секојдневното бомбардирање, Украина возвраќа со редовни напади на складишта за нафта и друга инфраструктура поврзана со рускиот нафтен сектор, кој е еден од главните извори на Москва за финансирање на нејзината офанзива против Украина.

Русија денеска објави дека во текот на ноќта соборила 90 украински беспилотни летала, од кои речиси 40 над Азовско Море, како и противбродска крстосувачка ракета Нептун, а нема информации за жртви.

Украина, од своја страна, денеска објави дека соборила 83 од 147-те дронови испукани од Русија, а 59 беспилотни летала исчезнале од екраните на радарите. Не е забележана штета.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ