Јакимовски тврди дека Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило доволно средства за функционирање на училиштата во Општина Карпош, а одговорноста за тоа, според него, е кај министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според Јакимовски, минатата година Општината издвоила шест милиони денари за децата да не останат без греење, затоа што, како што вели, Владата не сакала да ги плати сметките.
Јакимовски тврди дека во февруари Општината добила вкупно два милиони денари, односно по 200 илјади денари за секое училиште, а како што рече, за едно училиште сметката е околу 540 илјади денари.
„Тоа што МОН не предвидело доволно пари од буџетот за училиштата во Општина Карпош е исклучиво одговорност на министерката. Не знам зошто ја префрла топката кај локалната самоуправа, прозивајќи ме мене дека „сум можел да се снајдам“. Овде не е потребно снаоѓање, овде е потребно министерката за образование да ги обезбеди парите за децата да можат да имаат нормално затоплување како сите деца во светот“, изјави вчера Јакимовски.
Реакцијата на Јакимовски дојде откако вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска, во одговор на новинарско прашање за долгот на училиштата во Општина Карпош,рече дека „тој е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата“.
Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Таа е на став дека на општините им се исплатени блок дотациите, а на градоначалниците, школите и директорите им останува да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.
-Министерството за обарзование и наука (МОН) дава блок дотации до општините. Блок дотациите им ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. На градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат грејната сезона, така што ова не е прашање што треба да се упати до МОН, изјави вчера Јаневска.
Според неа, ако Јакимовски има дополнителни барања, „треба да се обрати таму каде што треба, а не до МОН“.
Грејната сезона започна вчера, а од ЕСМ ден претходно информираа дека на барање на Општина Карпош, испораката на топлинска енергија во основните училишта нема да започне на 15 октомври, туку од 1 ноември.
И додека институциите си ја префрлаат топката, без парно греење се основните училишта „Братство“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Лазо Трповски“ и „Петар Поп Арсов“.