среда, 5 февруари 2025

Трудо: Нема теоретски шанси Канада да стане дел од САД

Премиерот Џастин Трудо синоќа му возврати на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој го исмева на социјалните мрежи повеќе од еден месец, велејќи дека „нема ниту теоретска шанса“ Канада да стане 51-ва држава на САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп постојано го користеше терминот „51-ва држава“ откако Трудо и министерот за финансии Доминик Лебланк вечераа со неговиот тим во Трамповиот комплекс на Флорида кон крајот на ноември, за време на викендот за американскиот Ден на благодарноста.

Трудо ја прифати поканата на Трамп откако новоизбраниот претседател се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто на цел канадски увоз во САД, освен ако Канада не направи повеќе за да го запре протокот на илегални дроги и мигранти преку заедничката граница.

Тимот на Трудо редовно ги отфрлаше коментарите на Трамп – вклучително и нарекувањето на премиерот „гувернер Трудо“ – како шега со добра волја.

Но, шегата изгледа престана да биде забавна за Трудо, откако Трамп на прес-конференција во Мар-а-Лаго ги прошири своите причини зошто Канада треба да стане сојузна држава на САД, велејќи дека кон неа ќе употреби „економска сила“.

Во синоќешниот пост на платформата Икс, Трудо напиша: „Нема ни теоретски шанси Канада да стане дел од Соединетите Држави. Работниците во заедниците во двете наши земји имаат корист од тоа што сме си најголеми трговски и безбедносни партнери едни на други“.

Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли, исто така, се огласи на платформата Икс: „Коментарите на новоизбраниот претседател Трамп покажуваат целосно неразбирање на она што ја прави Канада силна земја. Нашата економија е силна. Нашите луѓе се силни. Никогаш нема да попуштиме пред заканите“.

За време на прес-конференцијата, Трамп го повтори своето мислење дека САД треба да го преземат или припојат Гренланд од Данска и да ја преземат контролата врз Панамскиот канал за да ги заштитат своите безбедносни интереси.

На прашањето дали размислува за воена сила за анексијата на Канада, тој одговори: „Не. Само економска сила“.

„Тоа навистина би било нешто“, рече Трамп за преземањето на контролата врз Канада од страна на САД.

Трамп се потсети и на својот неодамнешен разговор со канадската хокеј легенда Вејн Грецки, за време на кој го охрабри да се кандидира за гувернер „затоа што дефинитивно ќе победи“. Тој се присети дека Грецки го прашал дали треба да се кандидира за премиер или гувернер, на што Трамп одговори: „Нека биде гувернер. Тоа ми се допаѓа повеќе“.

Трудо во понеделникот објави дека има намера да поднесе оставка, но ќе остане на функцијата додека Либералната партија не избере нов лидер. Тој, исто така, го распушти парламентот до 24 март за да избегне гласање за доверба што може да предизвика избори.

Конзервативната опозиција го обвини Трудо дека ги става интересите на својата партија пред интересите на нацијата во време кога Канада се соочува со економска закана од САД.

„Имаме министри кои треба да ја подготват земјата за доаѓањето на новата американска администрација и да се справат со економските предизвици кои самите ги предизвикаа“, рече лидерот на конзервативците Ендрју Шир.

„Наместо тоа, тие ќе ги повикаат своите луѓе од политичката позадина и добро поврзаните либерали да соберат пари и да градат политички коалиции во партијата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ