петок, 18 октомври 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Трансмилијардери

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Граѓанинот Пљушков беше господин кој се идентификуваше како госпоѓа.

Граѓанката Пљушков беше госпоѓа која се идентификуваше како господин.

Господин и госпоѓа Пљушков беа совршена двојка. Единствено беше малку тешко да се разликува кој е кој. Заради презимето.

Граѓанинот Рибарски, пак, се идентификуваше како мачка.

Единствено граѓанинот Шљупков не се идентификуваше. Меѓутоа, бидејќи неколку невладини активисти му префрлија дека е назаден и дека со својата пасивност ја поткопува идентитетската преродба во демократијата, граѓанинот Шљупков реши и тој да се идентификува. Долго се мислеше како што, додека најпосле не смисли: граѓанинот Шљупков се идентификуваше како милијардер.

Е, сега, тука настана проблем. Имено, на граѓанинот Шљупков од Метафизичката управа му беше укажано дека не може да се идентификува како милијардер, бидејќи тоа ја загрозува довербата во слободниот пазар. Шљупков на тоа одговори дека е длабоко навреден и дека категоријата „класа“ е исто така флуидна како и категоријата „род“ и дека банкарската сметка не е единствено меродавна за некој да биде класифициран како милијардер или голтар, исто како што она меѓу нозете не е меродавно за некој да биде класифициран како маж или жена. И така Шљупков мораше да биде третиран како милијардер — беше неколку пати на насловната на „Тајмс“, беше чест гостин на скапи забави, претседателот го бараше за деловни совети, посетуваше донаторски конференции со холивудски старлети (макаршто, со донирањето нешто слабо му одеше)…

Меѓутоа, вистинскиот проблем се појави кога на граѓанинот Шљупков, кој се идентификуваше како милијардер, му стигна даночната пријава. Некои транс-активисти тогаш побараа транс-лицата да бидат ослободени од данок, бидејќи данокот е шовинистичко- патријархален конструкт, кој како таков треба да го плаќаат само мажите (но не и оние кои се идентификуваат како мажи, или што год да е). Очите на целата јавност беа вперени во првиот трансмилијардер и во тоа како ќе се справи со овој предизвик.

Шљупков отмено зачекори кон шалтерот на Даночната управа, како што на еден милијардер му прилега, со самоуверени движења замавна пред шалтерскиот пулт како Пикасо во своите најдобри денови и ѝ ја подаде раката на шалтерската службеничка сосе пријавата. Додека таа збунето го гледаше, Шљупков љуто одбруси (како што на еден милијардер му прилега):

„Го идентификувам воздухот во мојата рака како сто и осум милиони долари!“

Потегот на Шљупков ги фрли сите во транс: медиумите беа восхитени, академските професори почнаа да говорат за апсурдистанската трансмодерна како најсвежиот интелектуален тренд после францускиот постмодернизам и постструктурализам. Шљупков беше номиниран за Нобелова награда за метафизика… Во меѓувреме, медиумите известија дека и дека граѓанинот Пљушков (еден од двајцата) родил две деца. Граѓанинот Рибарски уловил и изел глушец.

А апсурдистанската трансмодерна се покажа и како совршен клуч за решение на сите социјални и економски проблеми: Метафизичката управа им препорача на сите кои беа сиромашни да се чувствуваат и идентификуваат како трансмилијардери. Секако, со дополнително работно време кај милијардерите кои се идентификуваа како сиромашни и со децении не плаќаа речиси воопшто данок и социјални придонеси (секако, оние што се плаќаат со стварни пари, не со воздух идентфикуван како пари)!

За неколку децении планетата беше вжештена радиоактивна пустина со неколку оази каде живееја неколкутте преостанати мултимилијардери вардени од роботизирани AI-кербери кои пржеа сè што ползеше и леташе во близина (а од тие работи не останаа многу). Секако, мултимијардерите си имаа викендички на Месечината и на Марс, за кога ќе затреба. Останатите луѓе беа кибернетизирани полукреатури кои беа сопственост на мултимилијардерите, човечки ресурси во правата смисла на зборот!

Метафизичката управа ја идентификува планетата како трансхуманистички рај, во кој сите се живи и си живеат среќно и задоволно! Незадоволството беше забрането и спакувано со скапоцениот накит во викендичките на Месечината и Марс. За кога ќе затреба.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ