понеделник, 21 октомври 2024

Трамп сведочеше во Њујорк: „Сигурен сум дека судијата ќе пресуди против мене“

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп сведочеше пред судот во Њујорк, во процесот кој се води против него поради наводно лажирање на вредноста на имотот, што би можело да наштети на неговиот бизнис со недвижнини.

Објавено на

часот

Сподели

Трамп се жали на нефер третман, а судијата поради неговите изјави во еден момент се заканил дека ќе го прекине сведочењето. За време на испрашувањето поранешниот претседател на САД често се конфронтирал со судијата Артур Енгорон кој размислува дали да ја казни неговата компанија.

Енгорон го предупредувал Трамп дека нема да му дозволи да сведочи, ако не одговара директно на прашањата. „Ова не е митинг, ова е судница“, му порача судијата на адвокатот на Трамп.

Трамп често избегнувал директно да одговара на прашањата, и наместо тоа се фалел со својот имот и богатството и го доведувал во прашање мотивот на главната њујоршка обвинителка Летиша Џејмс да го почне процесот против него.

„Ова е политички лов на вештерки и мислам дека би требало да се срамите“, кажал Трамп.

Меѓутоа, за време на сведочењето тој признал дека неговата компанија не давала точна проценка на вредноста на становите и другите недвижнини. Обвинителите навеле дека тие вредности се зголемувани за да обезбедат подобри финансиски услови, а судијата веќе пресуди дека се лажирани.

Трамп за време на сведочењето ги обвини обвинителите дека неоправдано ја истражувале неговата компанија откако победил на претседателските избори во 2016 година.

„Сигурен сум дека судијата ќе пресуди против мене, затоа што тоа секогаш го прави. Ова е многу нефер судење“, порача поранешниот американски претседател.

Обвинителството на државата Њујорк, кое ја почна оваа постапка, тврди дека Трамп со лажирање на вредноста на имотот ги измамувал заемодавците и дека добил подобри услови за кредити. Тој ја зголемувал вредноста на своите голф терени, станбени згради и други имоти во моменти кога многумина одбивале да работат со него. Наведуваат дека Трамп на тој начин добил 100 милиони долари и го зголемил своето богатство за вкупно две милијарди. Во постапката веќе сведочеа синовите на Трамп, Доналд Помладиот и Ерик Трамп.

Доналд Трамп е фаворит за републиканската претседателска номинација за 2024 година против кого се водат уште четири кривични постапки. Во актуелниот судски процес во Њујорк, кој е граѓански, на Трамп не му се заканува затворска казна, но би можел да биде нарушен неговиот имиџ во бизнис круговите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ